Една од најбрзорастечките и до скоро најголеми компании во Битола – „СВ-Инвест“, е во стечај. На последното стечајно рочиште беше обелоденето дека фирмата на Стојан Чифлигаровски должи над 25 милиони евра, иако до преклани прикажуваше профити од 2,5 милиони евра. На местото на оваа фирма која опозицијата ја врзува во власта, сега доаѓа нова компанија, „Новоматрикс“. Но, според истражувањето на „360 степени“, таа компанија има редица врски со фирмата што оди во стечај
Ретко кој имаше слушнато за битолската компанија „СВ-Инвест“ кога во април 2018 година опозицијата обвини дека таа е параван за бизнис-интереси на семејството на премиерот.
„Камиони од струмичката компанија, во сопственост на Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, со налепници на битолската компанија СВ-Инвест, се ангажирани за превоз на јаглен во РЕК Битола“,
извести ТВ Сител на крајот на април 2018 година.
„Тоа е така бидејќи сопственик на овие камиони кои се гледаат од видео материјалот не е СВ-Инвест туку компанијата ДГ и Тотал Инженеринг Струмица каде управител и сопственик е лицето Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев“,
изјави Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во видео обраќање до јавноста.
Ваквите обвинувања добија демант од посочените. Така, приказната тогаш се стиша.
Но, набрзо потоа, „СВ-Инвест“ почна да добива тендери во РЕК Битола, иако не за транспорт на јаглен. Дел од тие зделки станаа спорни за опозицијата.
„Столе Чифлигаровски, сопственикот на СВ-Инвест, и индиректно Вице Заев преку СВ-Инвест, се обидоа да изнудат тендер без да исполнуваат услови да го добијат тендерот од фирма која си го добила на јавен повик во РЕК Битола“,
изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на крајот на мај, 2021 година.
Електрани на Северна Македонија, Владата и сите други повторно демантираа. Но, во меѓувреме, се случи неочекуван настан.
Фирмата „СВ-Инвест“, која до преклани работеше со профит кој се мери во милиони евра, отиде во стечај. Зошто наеднаш пропаѓа една од најголемите битолски фирми?

Тендерите во РЕК пак растат, од ЕСМ велат поради долгорочни инвестиции
Рударско енергетски комбинат Битола. Тоа е целото име на најголемиот производител на електрична енергија во државава, но и име на државната фирма која троши најмногу пари на јавни набавки.
Ставката по која се одлеваат најмногу буџетски средства на тендери е за наем на приватна механизација за различни намени, како ископ на јаглен или јаловина. Само за половина година, оваа 2021, РЕК веќе има потпишано јавни набавки во висина од околу 44 милион евра. А тоа не е воопшто малку.
Лани, за цела година, за надворешна механизација биле потрошени двојно пониски 21,3 милиони евра. Во 2019, пак, 14,9 милиони евра. Или, ако се направи историски преглед, откако по доаѓањето на власт СДСМ успеа да ги преполови трошоците за надворешна механизација, РЕК годинава се враќа на нивото на трошење за оваа намена слично како во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Зошто годинава се потрошени толку пари?
„Причината… “лежи” во активностите што се реализираат во Рудникот ПЈС на РЕК Битола во два важни сегменти… Годинава конечно се реализира пуштањето во употреба на новиот јаловински систем во Рудникот ПЈС, за што, пак, неопходен е ангажман на сериозен број машини за ископ… Исто така, зголемените трошоци за ископ на јаловина годинава се должат и на јавната набавка за изработка на усек за раздвојување во површинскиот коп ПЈС во РЕК Битола. Активноста следува по минатогодишните катастрофални поплави што ги зафатија рудниците на РЕК Битола и има за цел превенција на елементарни непогоди од таков тип“,
објаснуваат од Електрани на Северна Македонија.
Сумата од 44 милиони евра за помошна механизација не ги вклучува и 17,5 милиони евра кои комбинатот ги потроши на сопствени машини. Од РЕК велат, таа опрема се уште не е стигната но и кога ќе стигне ќе покрие до 30% од потребите.
Главните прашања низ годините, сепак, не се врзани само за тоа колку пари троши РЕК на приватна механизација туку и кај кои фирми.
СВ-Инвест отиде во стечај, од „пепелта“ никна Новоматрикс?
Една група компании добиваше тендери и во времето на ВМРО-ДПМНЕ и во времето на СДСМ, како Пелистер, Марковски компани, Руд-коп, Мис-комерц. Но, смената на власта донесе и промени. „Трансмет“, чиј газда Сеад Кочан заврши во затвор за тендери во РЕК од 17 милиони евра кои ги добил со лажни документи, повеќе не работи во Комбинатот. Но, со новата власт се појавија и нови играчи – првично тоа беше фирмата „СВ-Инвест“, а од неодамна, меѓу другите, и фирмата „Новоматрикс“.
Зошто се значајни токму овие две компании?
„СВ-инвест“ е компанија која во 2016 година имаше 1 вработен, а во 2019 стигна до 280 вработени. Во 2016 година, „СВ-инвест“ имала 4,8 милиони евра приходи, за лани да стигне до 19,4 милиони евра. Во 2016 имаше профит од 290 илјади евра, за во 2019 да има десетпати поголем профит – 2 милиони и 530 илјади евра. Лани, пак, фирмата наеднаш забележа загуба од 2 милиона 340 илјади евра и, необјасниво за таква компанија, годинава отиде во стечај.

Зошто? Дел од одговорите можеа да се дознаат на стечајното рочиште кое во петокот се одржа во Основниот суд во Битола. Стечајниот управник, Коле Волчевск, и пред присутните доверители објасни дека „СВ-Инвест“ има долгови кон повеќе од 50 субјекти, меѓу кои се вработените, државата, банки и други фирми. Во пари, вкупниот признаен долг надминува 25 милиони евра.

Но, освен што „СВ-Инвест“ должи многу, во исто време и многу и должат – сума што допрва треба да се утврди.
„Останува да се одржи уште извештајното рочиште од каде ќе се знае подетални колку имот има и што може да се очекува од овој стечај. Дали ќе одиме понатаму со план за реорганизација или ќе одиме со ликвидација и намирување на доверителите процентуално, онака како што ќе го обезбедиме имотот на стечајниот должник. Моментално, побарувањата се прилично големи. Има недвижен имот и подвижен имот, некаде околу 10-15 возила, камиони нешто и багери. Има недвижен имот во Битола, Кичево, Скопје, Визбегово и Злокуќани. Треба да се процени за точно да се утврди колкав е имотот“,
вели за „360 степени“ Коле Волчевски, стечаен управник на СВ-Инвест.

Листата на доверители самата кажува многу, но и отвора многу дилеми за работењето на „СВ-Инвест“.
Компанијата на Стојан Чифлигаровски најмногу пари должи на Стопанска Банка од Скопје, близу 4,7 милиони евра (4 682 189 ЕУР). Второ на листата е Финансиското друштво „Пелистер“ кон кого „СВ-Инвест“ има долг од околу 3,5 милиони евра (3 558 542 ЕУР). Интересно е што газда на „Пелистер“ е Силјан Мицевски, кој пак е најголем добитник на тендери во РЕК Битола во изминативе десетина години, а со тоа и конкурент на „СВ-Инвест“. Трета на листата е досега релативно непознатата компанија „Новоматрикс“, која ја задолжила „СВ-Инвест“ со околу 3,5 милиони евра (3 464 768 ЕУР). Симптоматично, актуелен газда на „Новоматрикс“ е извесен Александар Наумов, кој до скоро бил управител токму во „СВ-Инвест“. Четврт најголем доверител на „СВ-Инвест“ е „Настел“ на бизнисменот Зоран Азманов со околу 3,4 милиони евра (3 381 027 ЕУР). Петти најголем доверител на листата, со побарување од 2,6 милиони евра (2 636 215 ЕУР) е компанијата „Битексимо“, каде до лани сопственик бил токму газдата на СВ-Инвест, Чифлигаровски. Шести на листата се УЈП. Не е познато како, но „СВ-Инвест“ досега си работел непречено, а должел над 1,8 милиони евра данок на државата.

Ова се признаените долгови. Стечајниот управник отфрли над 5 милиони евра дополнителни побарувања, бидејќи се пријавени во јавните книги во последниве 90 дена пред отворањето на стечајот.
Па, го прашавме стечајниот управник Волчевски дали тој веќе има слика зошто „СВ-Инвест“ отиде во стечај? Вели дека причината е што повеќе субјекти во кус период решиле да ја извршат наплата на долговите.
„Претежно работењето се одвивало со кредити од банките и претежно од сите банки. И ако следевте точно од излагањето, од приговорите на испитното рочиште многу приговори се одбиени, бидејќи правата што ги побаруваат сите доверители се воспоставени точно во последните три месеци што престануваат таквите права по Законот за стечајот. Веројатно тоа го натерало стечајниот должник, мислам доверителите, и тоа не малку туку четворица доверители дадоа предлог за стечај, од причина што сите доверители кај што му должел СВ-Инвест поднеле предлог за извршување на имотот“,
изјави Волчевски.
Јавно достапните податоци покажуваат дека најголем дел од приходите на „СВ-Инвест“ не се од РЕК Битола. Но, токму преку тендерите на комбинатот дојдовме до врските меѓу „СВ-Инвест“, која сега пропаѓа, и „Новоматрикс“, која сега е во подем.
Интересно е што еден од тендерите што „СВ-Инвест“ вообичаено го добиваше во последниве години, „Услуга од технолошко чистење на БТО системите во ПК Суводол и ПК Брод Гнеотино, РЕК Битола“, неодамна го доби токму „Новоматрикс“.
За „Новоматрикс“, пак, е интересно што немала никакви приходи во 2017, 2018 и 2019 година, за лани наеднаш да прикаже вкупни приходи од 4,6 милиони евра. Без претходна историја на соработка со РЕК, според страницата на Бирото за јавни набавки, сега добива тендер од близу еден милион евра за кој не се пријавил никој друг освен тие.

Но, „СВ-Инвест“ и „Новоматрикс“ не ги врзува само тендерот во РЕК. Според податоците од Централниот регистар, газда на „Новоматрикс“ од 2018 година е лицето Александар Наумов. Лице со исто име, презиме и адреса било управител на „СВ-Инвест“ во периодот од февруари 2018 до март 2019 година.
Не помалку интересно е и каде се регистрирани двете фирми. На прв поглед нема поврзаност, бидејќи „СВ-Инвест“ се води на адреса на куќа во центарот на Битола, а „Новоматрикс“ во периферијата на градот. Податоците од Катастарот покажуваат дека сопственик и на двата објекта е исто лице, извесна Снежана Петличкова.
Тука не завршуваат врските. На почетокот на годинава „Новоматрикс“ заложила свои, но и машини на „СВ-Инвест“ во корист на Стопанска Банка од Скопје. Во април годинава „Новоматрикс“ подигнала кредит и од Комерцијална Банка, при што е заложено сега руинираното поштенско одморалиште на Водно.

Сите овие врски не се нешто што би требало да го знаат во РЕК Битола, каде „Новоматрикс“ практично почна да ја презема работата од „СВ-Инвест“. Но, затоа прашавме, како фирма која практично нема искуство со електраната ја добила последната јавна набавка.
„Јавната набавка што ја споменувате беше отворена и на истата можеше да се јави било која заинтересирана фирма за извршување на услугата“,
ни одговорија од Електрани на Северна Македонија.
Дали пропаста на „СВ-Инвест“ и подемот на „Новоматрикс“ се поврзани се обидовме да дознаеме и од фирмите инволвирани во стечајната постапка. Не добивме став од Стојан Чифлигаровски, Новоматрикс, Пелистер на Силјан Мицевски.

Во јавно достапните документи нема директен доказ дека „СВ-Инвест“ соработувала со некоја од фирмите на семејството на премиерот. Единствената конекција со Струмица е меѓу нотарските објави и открива дека битолската фирма купувала камиони од струмичката градежна компанија „Крмзов-МР“.
„Крмзов-МР“, која само лани има приходи од над 56 милиони евра, нема правна поврзаност со компаниите на семејството на премиерот. Врска прави опозицијата, според која, хотелот „Вила Парк“, кој е во сопственост на „Крмзов-МР“, е -„омилено место за собирање рекет на Заеви“. И од оваа компанија не одговорија на прашањата на „360 степени“.