Од Управата за финансиска полиција за телевизијата велат дека обезбедената документација ќе биде предмет на проверки и анализи за утврдување на евентуално постоење на кривично дело, како и негов сторител
Службени лица на Управата за финансиска полиција извршиле проверки во Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија и во тек е анализа на документацијата за работата на претходното раководство, објави ТВ Телма.
Според информациите на телевизијата, предмет на проверки и анализи на Финансиската полиција се тендерите спроведени од Клиниката во изминатите седум години, додека со неа раководеше Неџати Јакупи, член на ДУИ и поранешен пратеник и министер за животна средина од редовите на сега опозициската партија.
Од Финансиската полиција велат дека кај нив е оформен предмет по поднесена пријава за неправилности во Јавната здравствена установа Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија, согласно надлежностите.
„Од страна на овластени службени лица од Управата за финансиска полиција се извршени проверки, од каде е обезбедена целокупната документација во копија, верна на оригинал во однос на спроведени повеќе постапки за јавни набавки, како и друга документација во врска со реализација на склучени договори и истата во моментов е предмет на анализа. Дополнително, при извршените проверки, е обезбеден и извештај од извршен попис со цел расветлување на случајот и утврдување на фактичката состојба, а на вработени службени лица во Клиниката им се дадени насоки за докомплетирање на документацијата“,
велат од Финансиската полиција за Телма.
Дополнително, оттаму навеле дека обезбедената документација ќе биде предмет на проверки и анализи за утврдување на евентуално постоење на кривично дело, како и негов сторител.
Неименувани извори од самата Клиника за телевизијата потврдиле дека Финансиската полиција влегла во оваа здравствена установа.
Тие навеле дека Клиниката е во големи долгови кои се бројат во милиони евра и дека наводно Управата за финансиска полиција проверува документација во врска со јавни набавки извршени од 2017 до 2024 година. Според нив, долгот на Клиниката изнесува околу 4,6 милиони евра.
Ова, според ТВ Телма, го потврдуваат и податоците на Министерството за финансии, според кои најзадолжена е Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, чиј долг изнесува 12 милиони евра, а на второ место е токму Клиниката за торакална и васкуларна хирургија со долг 4 милиони и 650 илјади евра.