Едниот случај, како што објави Телма, е во врска со фирма на еден од синовите на Ристовска која добивала пари за кампањата за претседателските избори во 2024 година, додека другиот се однесува на наводите дека антикорупционерката во својот анкетен лист не пријавила дека двајцата нејзините синови имаат фирми за маркетинг
Антикорупционерката Цвета Ристовска во одговор на прашање за Телма рекла дека во нејзиното досегашно работење постапувала законито, професионално и посветено, со целосен личен и професионален интегритет
Државната комисија за спречување на корупцијата отворила два предмети за нивната актуелна колешка, антикорупционерката Цвета Ристовска, објавија телевизиите Телма и 24 повикувајќи се на извори од Комисијата.

Според информациите, Комисијата ќе проверува случаи на судир на интереси и непријавување имот поврзани со Ристовска.
Засега нема официјална потврда од ДКСК дека се отворени постапки, а од објавените информации не е познато дали тие се поведени по поднесени претставки или по сопствена иницијатива на Анктикорупциска.
Едниот случај, како што објави Телма, е во врска со фирма на еден од синовите на Ристовска која добивала пари за кампањата за претседателските избори во 2024 година, додека другиот се однесува на наводите дека антикорупционерката во својот анкетен лист не пријавила дека двајцата нејзините синови имаат фирми за маркетинг.
Според јавно достапните документи на кои се повикува Телма, маркетинг-фирмата на едниот син Ристовска добила 35 000 евра од кампањите на претседателските кандидати на изборите во 2024 г., Стево Пендаровски, кој беше поддржан од СДСМ и на Гордана Сиљановска-Давкова која победи на изборите како кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Истата фирма, како што се наведува, добила пари и за локалните избори во 2021 година од страна на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кога Ристовска била помошник државен ревизор.
Инаку, Државната комисија за спречување на корупцијата е меѓу институциите во чија надлежност е проверката на финансирањето и рекламирањето на партиите за време на изборните циклуси.
Во изјава за ТВ 24 антикорупционерката Ристовска вели дека во текот на претседателските избори во 2024 година, ДКСК постапувала по еден предмет поднесен од Гордана Сиљановска-Давкова, односно Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и дека согласно законот таа побарала изземање од понатамошно постапување токму поради тоа што нејзиниот син имал склучен договор за изнајмување на рекламен простор на подносителот на приговорот.
„Комисијата го прифати моето барање и јас бев изземена од понатамошно постапување и одлучување по предметот“,
вели антикорупционерката за ТВ 24.
Другиот случај, за кој според неофицијалните информации, ДКСК отворила постапка го објави политичката партија Левица, од каде што минатата недела посочија дека антикорупционерката не ги пријавила фирмите на своите две деца во анкетниот лист.
„Цвета Ристовска, иако била должна не ги пријавила фирмите на своите две деца во анкетниот лист. И не станува збор за формална грешка, туку за свесно прикривање податоци, кои законски морале да бидат внесени, а образецот на анкетниот лист содржи токму такви полиња“,
наведоа од Левица на 29 јануари.
Антикорупционерката Цвета Ристовска во одговор на прашање за Телма рекла дека во нејзиното досегашното работење постапувала законито, професионално и посветено, со целосен личен и професионален интегритет.
„Во сите случаи каде постои можност од пристрасност во моето одлучување или се појавува перцепција за можен судир на интереси, постапувам законски и барам да бидам изземена од постапување и одлучување. Оценката за непристрасност се темели и докажува на основа на фактите, документите и одлуките на надлежните институции“,
вели Ристовска.

Во врска со фирмите на нејзините синови, таа вели дека тие од 2017, односно од 2019 година не живеат во заедничко домаќинство со неа и дека својата работа и своите активности ги остваруваат според законските прописи, без поврзаност со нејзиниот работен статус.
Антикорупционерката навела и дека работата на ДКСК се заснова на колективното одлучување, дефинирање постапки и распределба на надлежностите.
За потсетување, Ристовска се најде во фокусот на јавноста кога беше известител во ДКСК за предметот со сомнителниот ТОЕФЛ-сертификат на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски. По нејзиното рефрирање на предметот, Антикорупциска се прогласи за ненадлежна да постапува по овој предмет.
Како дополнително спорен момент беше и тоа што Христовски поседува сомнителна диплома од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, на кој Ристовска порано била предавач, но од ДКСК, исто така, се прогласија за ненадлежни да вршат експертиза за дипломата.
