Извор од МВР вели дека инцидентот со објектот во кој живее Спасовски не е единствена последица од телеграмата на министерот од петокот, а Чулев во изјава за „360 степени“ негира проблеми во функционирањето на министерството и за утре најавува средба со дополнителната заменик-министерка Петровска
Куќата во Куманово во која живее премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, вчера еден час останала без полицаец во стражарската куќичка, вели извор од полицијата за „360 степени“.
Случајот, според истиот извор, е последица на телеграмата што во петокот министерот Чулев ја испратил до сите организациски единици во МВР, со која ги известува раководителите дека наредбите донесени согласно член 154 од Законот за внатрешни работи, со кои на работниците им се наредува да извршуваат задачи во други организациони единици, престануваат да важат. По аларм од личното обезбедување на Спасовски, проблемот бил решен со вонредна реакција на началникот на СВР Куманово.
Оставањето на објектот во кој живее премиерот без обезбедување не е единствениот проблем што го предизвикала телеграмата на Чулев, вели нашиот извор. Недостаток на луѓе се појавил на граничните премини Долно Блаце и Јажинце на северната граница и во обезбедувањето на амбасадите на Албанија и на Турција, кои засилено се покриваат по настаните Блискиот Исток. Извесен вакуум се појавил и во обезбедувањето на амбасадите на Бугарија, Босна и Херцеговина, Чешка и резиденцијата на амбасадорот на Европската Унија.
Без доволно луѓе останале и увидните екипи на крим-техника.
Чулев за „360 степени“: Нема проблеми
„360 степени“ упати прашање до министерот Наќе Чулев – како планира да ги надмине проблемите што ги создала неговата телеграма од петокот и дали е точно дека кога сфатил за последиците, барал од дел од началниците со усни наредби да ги пополнат „дупките“.
Во одговорот, Чулев вели:
„Засега нема таков проблем. Мислам дека и ќе нема.“
За утре (понеделник, 13 јануари) Чулев најавува состанок со дополнителната заменик-министерка, заменикот, директорот на БЈБ и одредени раководители за, како што вели, да разговараат за заедничко решавање на предизвиците.
„Притоа цврсто ќе настојувам да се почитуваат правни и професионални критериуми за сметка на политичките. Во текот на вчерашниот ден разговарав со надлежни раководители за гранично управување и сектори за внатрешни работи, при што ме информираа дека ситуацијата е безбедна, редовна и под контрола. Сите евентуални позиции кои треба да се засилат ќе бидат разгледани утре. Нема да дозволам недоразбирањата и различните позиции за одредени прашања со дополнителниот заменик-министер да бидат пречка за воспоставување на редот и мирот во државата“,
вели Чулев во одговорот на прашањата на „360 степени“.
Петровска најави кривична пријава за Чулев
Дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска, пак, вчера најави дека ќе поднесе кривични пријави до надлежното обвинителство против техничкиот министер Чулев, поради несовесно и нестручно работење.
Кривичните пријави, вели Петровска, се поради тоа што Чулев го нарушил работењето на полицијата и ја загрозил безбедноста на граѓаните. Конкретен повод за најавата за кривични пријави од Петровска е наведената телеграма од Чулев од петокот и последиците од неа.
Ристо Ставревски функционира како началник на СВР Скопје
Најавата за кривични пријави е кулминација на судирот во врвот на МВР што се случува откако на 3 јануари стапи на должност техничката влада.
Петровска во петокот соопшти дека не се согласува со одлуката на Чулев за именување на Ристо Ставревски за началник на СВР Скопје. Министерот вчера најави дека утре ќе бара помош од Државната изборна комисија (ДИК) за да се расчисти несогласувањето на Петровска со именувањето на Ставревски за прв човек на Секторот за внатрешни работи Скопје.
Но, и покрај разногласието на релација Чулев – Петровска за ова кадровска решение, извор од полицијата вели дека Ристо Ставревски ја презел должноста и дека во полн капацитет функционира како началник на СВР Скопје.
Што се однесува до барањето на Чулев за раздолжување на повеќе од триесет службени возила доделени на користење – дел на обезбедувањето на премиерот Спасовски, едно возило на дополнителната заменик-министерка, едно возило на обезбедувањето на претседателот на државата и неколку возила за специјални намени, како што во петокот потврди министерот за “360 Степени“ вратено е само едно возило.
И ова се очекува да биде една од темите на утрешниот состанок на министерот, дополнителната заменик-министерка и раководители во МВР.
Наќе Чулев на позицијата министер за внатрешни работи дојде од Агенцијата за разузнавање, чиј директор беше во периодот од 2013 до 2017 година, а Славјанка Петровска пред да биде избрана за дополнителен заменик-министер беше шефица на кабинетот на претходниот министер Оливер Спасовски.