Македонскиот премиер го информирал холандскиот колега дека земјава продолжува со имплементација на европските стандарди во реформските процеси и за новата динамика и отворената комуникација со премиерот на Бугарија

Дијалогот Скопје – Софија ќе овозможи заеднички прифатливи решенија за отворените прашања за двете страни и тоа ќе ја забрза одлуката за одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ од што се очекува позитивен ефект и за целиот регион на Западен Балкан, заклучиле денеска во телефонски разговор премиерот Димитар Ковачевски со неговиот холандски колега Марк Руте.
Од владината прес-служба информираа дека Руте му го честитал изборот на Ковачевски за премиер и му посакал успешно остварување на владината програма.
Ковачевски, пак, се заблагодарил за посетата на холандскиот премиер во ноември минатата година и истакнал дека таа посета дополнително ја интензивирала соработката со Холандија, која е најголем билатерален донатор на нашата земја.
Посебна благодарност изразил за силната и континуирана поддршка на Холандија, и на премиерот Руте лично во аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија.
Ковачевски го информирал Руте дека Северна Македонија продолжува со имплементацијата на европските стандарди во реформските процеси и за новата динамика во дијалогот и отворената комуникација со премиерот на Бугарија, Кирил Петков. Исто така, информирал и за актуелните политички процеси дома, особено во делот на справувањето со светската енергетска криза и за поддршката на Владата за ублажување на последиците од неа за граѓаните.
На крајот од разговорот холандскиот премиер го поканил Ковачевски во прва можност да ја посети Холандија, информираат од Владата.