Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски синоќа за СДК.мк изјави дека во моментот кога БЕГ ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје, ќе му биде одземена лиценцата а одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе ја преземе Владата
Дополнителни количества електрична и топлинска енергија се обезбедени преку когенеративната електрана ТЕ-ТО која ќе работи седум дена во неделата со полн капацитет. Вишокот електрична енергија ќе го откупува АД ЕСМ, за што денеска се очекува двете компании да потпишат договор.
Мерката ја донесе Владата на вчерашната седница, а ќе важи до крајот на месецов со можност да биде продолжена, доколку има потреба од тоа, затоа што во земјава е прогласена кризна состојба во енергетиката.
Од друга страна, вчеравечер компанијата БЕГ, која снабдува голем дел од домаќинствата во Скопје, соопшти дека има средства за набавка на гас само до крајот на денешниот ден и побара од Владата времено да го преземе управувањето со компанијата сѐ до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона.
„Ликвидноста на ПТБЕ брзо се истоштува и има средства за набавка на гас до крајот на утрешниот ден. Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси да обезбедиме финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифита за производство на топлинска енергија со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топлина. За да се обезбеди непрекинато производство на топлинска енергија во ПТБЕ, предложивме Владата да ја преземе во времено управување компанијата почнувајќи од 14.01.2022 се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона“,
наведе БЕГ во вчерашното соопштение.
Понатаму објаснија дека одобрената тарифа за топлинска енергија од Регулаторната комисија за енергетика покрива незначителен дел од овие зголемени трошоци, дека владата и компанијата вложиле големи напори да се покрие финансискиот јаз помеѓу набавната берзанска цена на природниот гас и одобрениот трошок во тарифата за производство на топлинска енергија кој за јануари 2022 година изнесува девет милиони евра, но сепак поради постоење објективни пречки за обезбедување финансиски средства од државата, се уште не е најдено решение за овој горлив проблем.
Министерот за економија Крешник Бектеши, кој вчера на прес-конференција ја образложи владината одлука, рече дека со ставањето на ТЕ-ТО во полн капацитет ќе се обезбедат дополнителни количества и на електрична енергија, и на топлинска енергија.
„Со преземањето на електричната енергија од АД ТЕ-ТО дополнително ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија БЕГ со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со топлинска енергија на потрошувачите во Град Скопје и во исто време при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија“,
рече Бектеши.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски синоќа за СДК.мк изјави дека во моментот кога БЕГ ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје, ќе му биде одземена лиценцата а одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе ја преземе Владата.
Според Бислимоски, тоа не е прифатливо бидејќи, како што вели, не може друг да им го решава проблемот на БЕГ, за потоа во мај да се вратат „на бел коњ“.
Владата во вторникот излезе и со предлог да покрие 80 отсто од разликата меѓу реалната и актуелната цена на парното греење, а останатите 20 отсто да ги покрие Град Скопје заедно со скопските општини. Од Градот информираа дека немаат ресурси да помогнат во покривањето на дел од трошоците на БЕГ за набавка на природен гас, за што вчера беа критикувани од страна на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
„Арсовска годинава ќе потроши 670 000 евра на 109 вработувања на партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, но не планира да даде пари за граѓаните на Скопје да не плаќаат поскапо парно“,
изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.

Според градоначалничката на Град Скопје, треба да се донесат национални мерки за спас од енергетската криза, но тоа е надлежност на централната, а не на локалната власт.
„Треба да преземе се што е неопходно за граѓаните да бидат заштитени и да ја поминат зимата онака како што заслужиле. Не само што им беше зголемена сумата што ја плаќаат за 14 проценти, туку заслужуваат и подобри услови. Треба да се донесат национални мерки за спас од оваа криза и тие треба да ги донесе централната власт. Локалната власт не може да носи национални мерки и политики. Нашиот став е конзистентен – немаме надлежност и немаме можности“,
изјави вчера Арсовска за ТВ 21.
Таа смета дека одговорноста треба да ја понесе Владата затоа што не ја разрешила ситуацијата кога имала можност и не размислувала кои ќе бидат реперкусиите од зголемувањето на цените на енергенсите на светските берзи. Преседан е, рече Арсовска, Владата да бара градот да биде спасител за проблемот со енергетската криза.
Инаку, цената по која АД ЕСМ ќе го откупува вишокот на електрична енергија што ќе се произведува во ТЕ-ТО е 170 евра по мегават час, рече вчера Бектеши.