Дека до Судот е поднесено барање на Ѓорчевски да му виде одреден куќен притвор, на 9 декември информира неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ, кој тогаш рече дека кон осомничениот не е оправдана ниту една мерка и дека со мерката куќен притвор ќе се задржи кохезијата на семејството кое е длабоко погодено со оваа трагедија
Александар Ѓорчевски, таткото на 14-годишната Вања која беше киднапирана и најдена убиена на 3 декември, минатата година, останува во ефективен затворски притвор. Од Основниот кривичен суд Скопје попладнево соопштија дека е одбиено барањето на одбраната на Ѓорчевски наместо затворски да му биде одреден куќен притвор.

Притворот на таткото на Вања му беше продолжен на 4 јануари. Тој според истрагата е осомничен дека им помогнал на другите да го грабнат девојчето и се товари за кривичното дело грабнување. Нему првично му беше определен 48-часовен притвор, а потоа доби уште 30 дена во Истражниот затвор во Шуто Оризари.
Одлуката, како што се наведува во соопштението на скопскиот Кривичен суд, била донесена по добиеното мислење од надлежниот јавен обвинител.
„Ја информираме јавноста дека судија на претходна постапка, по предлог на одбраната на А.Ѓ. осомничен за кривично дело грабнување од член 141 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ), а поврзано со убиството на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж., за замена на мерката притвор со куќен притвор, по добивање на мислење од надлежниот јавен обвинител, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива“,
се наведува во соопштението на Судот.
Оттаму додаваат дека против решението странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на Судот.
Дека до Судот е поднесено барање за замена за затворскиот во куќен притвор на Ѓорчевски на 9 јануари информира неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ.
„Иако истакнавме посебен предлог за замена на мерката притвор во мерка куќен притвор, свесен сум дека постапката околу укинувањето на притворот ќе трае. Иако спрема осомничениот не е оправдана ниту една мерка, сепак со мерката куќен притвор ќе се задржи кохезијата на семејството кое е длабоко погодено со оваа трагедија“,
рече тогаш Туфегџиќ во изјава за „360 степени“.

Како што кажа тој, до надлежниот јавен обвинител била доставена ургенција за постапување бидејќи Ѓорчевски дал исказ во прелиминарна фаза на предистрага, кога му бил одреден краткотраен притвор.
Од Основното јавно обвинителство Скопје тогаш потврдија дека осомничениот дал исказ на почетокот на постапката додавајќи дека продолжувањето на притворот е врз основа на доказите кои се досега обезбедени во постапката.
Инаку, на таткото на Вања и на другите тројца осомничени за случајот со двојното убиство, Кривичниот суд во Скопје на барање на Обвинителството на 4 јануари им го продолжи притворот за уште 30 дена.
Покрај на Ѓорчевски, притворот им е беше продолжен и на Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, осомничени за по две кривични дела – убиство и грабнување.
Првоосомничен за случајот со убиството на Вања и на велешанецот Панче Жежовски е Љупчо Палевски-Палчо кој во моментов е во екстрадициски затвор во Турција.
Кривичниот совет на Судот го прифати и предлогот за продолжување на притворот за нови 30 дена и за Стефан Димковски, осомничен за помагање на сторител во извршување на кривично дело, бидејќи го возел првоосомничениот Палевски од Србија до Турција.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, неодамна, односно на 9 јануари во интервју за ТВ Сител изјави дека екстрадицијата на Палевски е можно да се случи многу скоро, бидејќи според информацијата која ја добиле истиот ден таа не е спорна од разузнавачки и безбедносен аспект.
Останува уште само, наведе тогаш претседателот, да се договорат деталите за примопредавање, кои се од технички аспект.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
Според информациите од истрагата што на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, девојчето било грабнато во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.

Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања.
На 22 декември од Основното јавно обвинителство соопштија дека ги добиле обдукциските наоди од Институтот за судска медицина, за кои рекоа дека нема да бидат објавени во јавност.