Коментирајќи го недоволното владеење на правото, непочитувањето на законите и падот на демократските процеси во С Македонија, Тасева вели дека земјава минатата година ја одбележале големи корупциски скандали. Во таа насока ги спомена случаите на предвреме положените правосудни испити, разрешувањето на претходниот и изборот на новиот шеф на ОЈО-ГОКК, како и оставката на претседателката на Судскиот совет
Претседателката на „Транспаренси интернешнал – Македонија“ вели дека никој не може да се изземе од одговорност во однос на оценката на земјава според перцепцијата на корупција, но како што додава, Владата носи голема одговорност во однос на начинот на кој ги спроведува политиките, но има и механизми да истражува и да спроведе одредени системи на интегритет без да се меша во работењето на судиите или јавните обвинителства
Со напредокот на Северна Македонија за две позиции на ранг-листата според перцепција на корупцијата, сепак не е постигнат некаков значителен резултат или исчекор во борбата против корупцијата, изјави претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева, коментирајќи го извештајот на „Транспаренси“ според кој земјава во 2022 година се најде на 85. место, што е минимално подобрување во однос на годината пред неа.
Според Тасева, резултатот од извештајот е загрижувачки и е незначително подобрен, со оглед на фактот што изминатите две децении се зборува за системска борба против корупцијата, а земјава, како што вели, сè уште не може да ја помине границата од 60. место, на кое се наоѓаше во 2000 година.
Таа додаде дека оценката на перцепцијата на корупцијата за земјава е резултат на седум истражувања, а кај најголем дел од нив, како што посочи, нема промена во резултатот.
„Намалување постои кај проектот за светска демократија, каде што имаме намалување за три индексни поени и проектот за светска правда каде што бележиме намалување за еден индексен поен. Тоа е сосема во согласност со тоа дека резултатите назадуваат поради недоволна демократија и недоволно владеење на правото“,
појасни Тасева.
Коментирајќи го недоволното владеење на правото, непочитувањето на законите и падот на демократските процеси во С Македонија, Тасева вели дека земјава минатата година ја одбележале големи корупциски скандали.

Во таа насока ги спомена случаите на предвреме положените правосудни испити, разрешувањето на претходниот и изборот на новиот шеф на ОЈО-ГОКК, како и оставката на претседателката на Судскиот совет.
„Судството и владеењето на правото беа засенети со нови скандалозни обележја, а уште полошо е што овие случаи останаа без разрешница и ставија сомнеж врз доследната примена на новодонесените закони од страна на две институции чија цел е да се грижат за интегритетот на правосудните органи, што дополнително ја намалија довербата на граѓаните во судството на само четири проценти“,
порача Тасева.
Меѓу настаните кои укажуваат на недоволно почитување на законите, Тасева исто така ги посочи можноста на застарување на судски предмети, недостатокот на ефикасност во разрешување на случаите кои произлегоа од прислушуваните разговори, недоволната примена на мерките конфискација и овозможување и натаму непречено да се располага со нелегално стекнат имот, игнорирањето на одлуките на ДКСК, овозможувањето на извршување затворска казна преку промена на живеалиште во друга казненопоправна установа, како и скандалот на нелегалното издавање пасоши на лица поврзани со организирани криминални групи.
„Сите овие случаи се само врв на ледениот брег на корупцијата и организираниот криминал, кои и натаму ја држат државата на нивото на недоволна демократија, хибридна и заробена држава. Оценките дека состојбата на недоволно справување со корупцијата или непостоење на волја за справување со корупцијата доведува до тоа да назадува демократијата и владеењето на правото повеќе од тоа што било. Единствениот документ за борба против корупцијата кај нас е Националната стратегија за борба против корупцијата која е имплементирана само со 30 проценти. Недоволни се општо напорите во борбата против корупцијата, но недостасува и желба да се расчистат случаите кои укажуваат на постоење корупција во институциите“,
нагласи Тасева.
Претседателката на „Транспаренси интернешнал – Македонија“ вели дека никој не може да се изземе од одговорност во однос на оценката на земјава според перцепцијата на корупција, но како што додава, Владата носи голема одговорност во однос на начинот на кој ги спроведува политиките, но има и механизми да истражува и да спроведе одредени системи на интегритет без да се меша во работењето на судиите или јавните обвинителства.
„Но, секое сомневање за можно влијание и корумпирање при носење одредени одлуки е нешто што може да се проверува преку институции на извршната власт. Не постои еден единствен одговор за еден единствен фактор или виновник, туку целиот систем мора да го коригираме и сите тука мора да имаат одлука“,
изјави Тасева.
Со напредок од еден поен во однос на 2021 година и скок за две позиции, Северна Македонија бележи благо придвижување во позитивна насока на ранг-листата според Глобалниот индекс за перцепција на корупција за 2022 година објавен од „Транспаренси интернешнл“.
За 2022 година земјава е рангирана на 85. место на листата од 180 земји, што е напредок за две позиции во однос на 2021 година кога Северна Македонија се најде на 87. место. Според Индексот на „Транспаренси“, земјава за минатата година има 40 од можни 100 поени на скалата на која 0 поени значи најлош, а 100 поени најдобар можен скор. Споредено со 2020 година, кога земјава беше на 111. позиција од вкупно 180 земји на ранг-листата, со само 35 поени, за две години се забележува напредок од четири поени и скок од 26 позиции во однос на перцепцијата на корупција.
Коментирајќи го скокот за две позиции на Северна Македонија според Индексот на перцепција на корупција на „Транспаренси интернешнал“, премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција вели оти тоа се должи на општото издигнување на транспарентноста во државата.
Во таа насока, Ковачевски нагласува дека напредокот на земјава во перцепцијата на корупција се должи на стопроцентната транспарентност на Владата, но и, како што рече, вкупно 120-те случаи со коруптивна основа кои се работат во Министерството за внатрешни работи.
За разлика од Ковачевски, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, осврнувајќи се на пласманот на Северна Македонија на Индексот на „Транспаренси“, велат дека земјава дели иста позиција со Суринам, Индија и Тунис. За рангирањето на земјава од ВМРО-ДПМНЕ ги обвинија премиерот Ковачевски и неговиот коалициски партнер Ахмети, за кои, како што велат, криминалот и корупцијата станале заштитен знак.