Вештачењето е дел од дополнението на доказната постапка која е во тек. По изведувањето на дополнителните докази, остануваат да се одржат уште рочиштата за завршни зборови и пресудата
Опремата за прислушување од системот „Најс“ во сега згаснатата УБК, во моментот кога била уништена, имала употребна вредност од 87 422 668 денари (1 418 897 евра).
Ваквиот податок утрово беше соопштен на рочиштето за предметот „Таргет-Тврдина“, кој влезе во својата завршница.
Проценетата вредност е дел од извештајот направен од вештак за материјално, сметководствено и финансиско работење.
Вештачењето е дел од дополнението на доказната постапка која е во тек. По изведувањето на дополнителните докази, остануваат да се одржат уште рочиштата за завршни зборови и пресудата.
Додека одговараше на прашањата од одбраната, која се обиде да ја побие пресметаната вредност на опремата, вештакот посочи и дека во МВР опремата била уништена во март 2013 година, а до сметководствената вредност од 1 денар се стигнало со фактура од 2015 година.
„Сметководствената вредност наведена како 1 денар е со датум 31.12.2013 година, а до таа сметководствена вредност е стигнато со книжење налози во јануари 2015 година. Тоа значи дека по една година и еден месец од сведувањето на сметководствената вредност, пуштени се налози за книжење“,
рече вештакот.
Уништувањето на опремата за прислушување е еден дел за кој се однесува предметот „Таргет-Тврдина“ и Обвинителството тврди дека таа била незаконски уништена. Другиот дел од случајот се однесува на незаконското прислушување.
Во „Таргет-Тврдина“ првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1 541 број или вкупно 5 827 телефонски броја. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.