Ставот на Таравари доаѓа откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека во текот на следната недела ќе упати повик за лидерска средба во Собранието на лидерите на најголемите политички партии

Не знам што би правеле на лидерска средба кога институциите беспрекорно работат, тоа би било само губење време, вели Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, а во врска со предлогот на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Ние сме заинтересирани да се решат проблемите што ги имаме како институции, неуморно работиме секојдневно и тоа би било само губење време. Сметаме дека постојат институции што функционираат, дека не е моментот и не знам што би правеле на лидерска кога институциите беспрекорно работат и за здравјето на овие луѓе и за третманот, но и за да се најдат виновниците на овој случај, како и на останатите со оглед дека ова е четврти случај за пет години“,
рече Таравари во одговор на новинарски прашања на денешната прес-конференција на која информираше за состојбата на хоспитализираните по трагедијата во Кочани.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во четвртокот изјави дека во текот на следната недела ќе упати повик за лидерска средба во Собранието на лидерите на најголемите политички партии на кои, како што рече, ќе им го презентира својот план, она што тој смета дека партиите имаат обврска да го направат за државата, настрана од сите коалиции.
На повикот на претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, за одржување средба на лидерите на најголемите партии во Собранието, вчера се произнесоа владејачката коалиција „Вреди“, движењето ЗНАМ, кое исто така е дел од владината коалиција, опозициската Левица, а реакција во врска со повикот имаше и ДУИ.