Тој пренесе и добра вест за пациентка што била во тешка состојба, уште првиот ден била испратена на лекување во странство, двапати била реанимирана, а сега се очекува наскоро да го продолжи лекувањето дома

Во земјава и во странство на лекување ќе останат уште 57 пациенти што беа повредени во пожарот во Кочани, информира денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Таравари вели дека во Скопје се лекуваат девет пациенти, од кои двајца се на Клиниката за пластична хирургија, еден е во „8 Септември“, четворица се во старата градска болница и уште двајца се во приватните клиники.
„Сите девет пациенти во Скопје се во релативно добра и стабилна состојба и ги очекуваме деновите кога ќе бидат пуштени, оваа или идната недела ќе знаеме. Во странство има 48 пациенти, еден очекуваме денеска да се врати од Унгарија. Сега од 193 пациенти што беа примени остануваат 57“,
рече Таравари на прес-конференција.
Од тие што се лекуваат во странство, Таравари рече дека двајца пациенти се во критична состојба, а сите други се екстубирани.
„Некои од нив се на рехабилитација, а други очекуваат оперативни зафати. Се надевам дека деновиве уште неколку пациенти ќе се вратат. Меѓутоа повторно да бидеме резервирани иако велиме дека само двајца се критични повторно може да се влоши состојбата и кај некој друг пациент. Актуелната состојба е дека се под контрола“,
додаде министерот.
Тој пренесе и добра вест за пациентка што била во тешка состојба, уште првиот ден била испратена на лекување во странство, двапати била реанимирана, а сега се очекува наскоро да го продолжи лекувањето дома.
„Два пати беше реанимирана, еднаш овде во Клиничкиот центар, вторпат за време на транспортот, денеска е на пластична хирургија, таа е во многу подобра состојба, се движи. Таа е добар пример за пациент што беше многу тежок, а се надеваме да продолжи со лекување дома“,
рече Таравари.
Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, рече дека пациентката е вратена во земјава во стабилна состојба и оти за утре е планирано да се изврши мал хируршки зафат за третирање на раните на кои им треба уште нега.
„Се надевам дека кога сите пулмолошки и токсиколошки анализи ќе бидат добри тогаш би ја пуштиле на домашно лекување“,
додаде директорката.