„Во хируршките сали веќе не се чувствува мирис. Ова ми го велат колегите што работат таму. Хируршките сали генерално функционираат добро на сите клиники“, вели министерот за здравство
Се надевам дека на почетокот на идната година ќе има нова компресорска станица во хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари посочувајќи дека сè уште не знае дали единствената пријавена фирма на тендерот за набавка на станиците ги исполнува условите.

„Во хируршките сали веќе не се чувствува мирис. Ова ми го велат колегите што работат таму. Хируршки сали функционираат добро генерално на сите клиники“,
вели тој.
Очекува денеска да биде брифиран во врска со понудата за набавка на нови компресори и се надева наскоро да почне процедурата за склучување на договор за јавна набавка.
Според него, се размислува за тоа постоечките надворешни компресори да се задржат и да се користат како резерва во случаи и во иднина да се случи некој дефект. Со тоа, како што вели тој, добра е идејата да се направи нова компресорска станица, а старата да се зачува и да се сервисира кога е потребно.
„Би сакал постоечките надворешни компресори да ги оставиме, да направиме уште една нова дополнителна станица. А, старата да ни стои како бекап, ако има дефект во едната, веднаш другата да ја вклучиме. Но, ако компанијата ги исполнува условите, останува да разговарам со нив, за да видиме како тоа можеме да го изведеме“,
рече тој.
Инаку, за потсетување, централниот систем за кислород и компримиран воздух во хируршките сали во Клиничкиот центар е надвор од функција од 18 мај поради непријатниот мирис што се ширел од него.
Неколку дена подоцна тогашната заменик-министерка за здравство Маја Манолева донесе наредба сите хируршки клиники во Клиничкиот центар во операционите сали да почнат со работа со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух.
До крајот на годината ќе се вработат првите 300 доктори специјализанти
Таравари рече и дека во јавното здравство речиси 2 500 лица се со договор за работа, а тенденција е до крајот на годината да им се дадат решенија за вработувања, барем на половина од нив.
„Веројатно до крајот на годината ќе се вработат првите 300 доктори специјализанти. Досега се пријавени околу 480 од вкупно 640 специјализанти. Значи, здравството ќе има плус решенија за минимум уште 500 доктори“,
вели министерот за здравство.
Како што рече мора да се применува праксата за вработување на квалитетни кадри, а не по партиски клуч.
„Треба да се примаат медицински лица, врз основа на нивното знаење, а не врз основа на тоа дали некој е Македонец, Албанец, Турчин“,
рече тој.