За сè друго, вели Таравари, подготвени и отворени сме да разговараме со сите други во однос на локалните избори

Лидерот на дел од Алијанса за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари, вели дека има редовна комуникација со премиерот Христијан Мицкоски и оти по неговото враќање од службеното патување ќе седнат да разговараат за несогласувањата што Таравари ги има со коалицијата ВЛЕН, а може да се рефлектираат и на неговото партиципирање во Владата.
Таравари вели дека она што засега како сигурно го имаат од партијата е дека на локалните избори во октомври, неговото криво од Алијанса за Албанците ќе оди со сопствени советнички листи.
За сè друго, вели Таравари, подготвени и отворени се да разговараат со сите други во однос на локалните избори.
„Засега имаме сигурна одлука дека одиме со посебни советнички листи и тоа е одлука на партијата и од тоа нема враќање назад“,
рече Таравари во одговор на новинарско прашање.
Тоа што го кажал господинот Николоски „сите ги слушам, меѓутоа ние сме автономна партија, одлучуваме сами“, рече Таравари за изјавата на вицепремиерот дадена во емисијата „360 степени“ кога ги коментираше превирањата во коалицијата ВЛЕН, односно на крилото на АА на Таравари да оди со свои советнички листи на локалните избори и да остави отворена врата за соработка со партии од опозицијата.
Николоски рече дека доколку некој смета дека треба да соработува со ДУИ, тогаш секако ќе биде во опозиција.
Според Николоски, освен евентуална соработка со ДУИ, не постојат други причини поради кои ВМРО-ДПМНЕ или премиерот би размислувале за прекинување на партнерството со Таравари бидејќи тој како министер ужива доверба меѓу членовите на кабинетот на Мицкоски.
Таравари, минатата недела рече дека тие ќе излезат од Владата само доколку премиерот смета дека не се потребни.
Таравари вели дека премиерот е тој што формира Влада и никој друг нема право да кажува освен него.
Во врска со прашањето дали министерот за здравство Арбен Таравари и неговото крило на Алијанса за Албанците ќе останат во Владата, од „Илинденска“ број 2 минатата недела рекоа дека премиерот Христијан Мицкоски во моментов има редовна комуникација со членовите на Владата и оти средба со лидерот на АА се очекува да има по 1 мај.