„Никогаш не прифаќам ултиматуми, сакам разговори. Ние сме подготвени да разговараме со сите, пред сè со ВЛЕН бидејќи до денес сме дел од нив. Ако одлучат тие четири без нас да одат, и тоа е прифатливо. Така што позитивно ја гледам идејата да се спојат тие четири заедно“, вели лидерот на дел од Алијанса за Албанците

Арбен Таравари, кој е лидер на дел од Алијанса за Албанците, вели дека не добил понуда од другите партии во ВЛЕН за да се спојат во еден политички субјект.
Изјавата на Таравари доаѓа откако денеска неговиот колега од коалицијата, лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, рече дека изминатите денови се водат разговори во рамките на коалицијата, сите субјекти да се претворат и претопат во ВЛЕН, како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на претстојните локални избори.
„Јас немам информација, последен пат кога сме зборувале за ваква тема е јули или август минатата година. Ми се допаѓа идејата дека се усогласиле Самоопределување, Движењето на Меџити, Алтернатива и Беса да се спојат, супер е тоа. Нас ни се допаѓа таа идеја. Нека продолжат што побрзо да се спојат. Ние како Алијанса за Албанците не сме добиле ваква понуда, меѓутоа тие биле усогласени и ми се допаѓа оваа идеја. Ние како Алијанса ќе разгледаме, имаме пет пратеници, ако се договориме секако тука сме да разговараме за такви теми. Јас се радувам кога 2, 3, 4 партии се спојуваат и стануваат едно“, рече Таравари.
рече Таравари.
Прашан дали ова значи дека се поблиску до преговори со ДУИ, тој негираше.
„Ние досега не сме имаме понуда од ВЛЕН да бидеме една партија, ако имаме тоа ќе го разгледаме, не брзаме. Но, и ако одлучиле досега, ние името им го даваме нека се викаат ’Вреди’, ние ќе останеме Алијанса, ќе продолжиме како наша пратеничка група“,
додаде Таравари.
Тој рече дека се отворени за соработка со сите партии и оти од ВЛЕН добил ултиматум, а не можност да разговараат.
Тие, како што додаде, му рекле дека тие четири партии одат во еден субјект, тој ако прифати ќе биде добро, ако не – ништо.
„Јас никогаш не прифаќам ултиматуми, сакам разговори. Ние сме подготвени да разговараме со сите, пред сè со ВЛЕН бидејќи до денес сме дел од нив. Ако одлучат тие четири без нас да одат и тоа е прифатливо за нас. Така да позитивно ја гледам идејата да се спојат тие четири заедно“,
рече Таравари.
Меџити денеска за тоа какви се односите меѓу политичките субјекти во коалицијата и дали очекуваат заеднички настап на претстојните локални избори рече дека односите со Арбен Таравари се добри и оти комуницираат.
„Но, сите треба да имаат в предвид дека ВЛЕН е антипод на ДУИ, односно коалиција што победи на претходните парламентарни избори и ја донесе долгоочекуваната промена во албанскиот кампус. Работиме на тоа таа промена да ја почувствуваат и граѓаните. Никој нема дилеми во коалицијата. Единствениот што има дилеми и гледа можност за соработка со ДУИ е господинот Таравари“,
рече Меџити.
Според него, сите политички аргументи одат кон тоа да одат со заеднички листи и нема дилема дека ВЛЕН ќе има една листа, еден штаб и една програма.
Односите меѓу Арбен Таравари и лидерите на другите партии што се дел од ВЛЕН, коалицијата која е дел од владејачкото мнозинство, се заострени во изминатиот период, а главна точка на конфликт е заедничкиот настап на претстојните локални избори.
Таравари, во неодамнешен настап во емисијата „360 степени“, јавно го критикуваше функционирањето на коалицијата и нивната ефикасност во Владата. Отиде дотаму што кажа и дека дел од директорските, па и министерските позиции, не се пополнети со соодветни кадри. Тоа само ги засили шпекулациите дека не се во прашање само локалните избори, туку дека е можен распад на коалицијата на партии на Албанците кои се во Владата. Па дури и дека Таравари договара соработка со ДУИ.
Лидерите на движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива, Африм Гаши, на Демократско движење, Изет Меџити, и на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во февруари минатата година ставија потпис на декларацијата со која се официјализираше нивното обединување за претседателските и парламентарните избори. Декларацијата за соработка ја потпиша и Беким Ќоку – експратеник во македонското Собрание и претставник на партијата Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти.