„Со амбасадорот Ангелов се договоривме за неопходноста од негување добрососедски односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија, во европскиот дух на договорот за пријателство меѓу нашите две земји“, вели лидерот на Алијанса за Албанците во соопштението за средбата
Со амбасадорот Ангелов, посочува лидерот на АА, се договориле за продолжување на дијалогот во поглед на европската иднина на Северна Македонија и „закотвувањето на регионот во западниот блок, далеку од злонамерните влијанија на Москва“
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари денеска се сретнал со амбасадорот на Бугарија во земјава Ангел Ангелов, на која, како што соопшти, истакнал дека како и францускиот предлог, АА ќе ги поддржи и уставните измени за продолжување на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ).

На средбата Таравари биле придружуван од генералниот секретра на Алијанса за Албанците, Кренар Лога.
„Со амбасадорот Ангелов се договоривме за неопходноста од негување добрососедски односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија, во европскиот дух на договорот за пријателство меѓу нашите две земји. Нагласив дека Алијанса за Албанците, како што го поддржа францускиот предлог и преговарачката рамка за Северна Македонија, ќе ги поддржи и уставните измени за отворање на преговорите за членство во ЕУ и дека покрај ова, ќе продолжиме со длабоки реформи во правосудството за борба против чумата на корупцијата“,
вели Таравари во писменото соопштение за средбата.
Тој на неа ги истакнал историските пријателски врски меѓу двата народи и држави и волјата на АА за нивно проширување и продлабочување.
„Во таа насока, ја изразив нашата безрезервна поддршка за завршување на инфраструктурните поврзаности долж Коридорот 8, од Драч до Варна, каде Северна Македонија е поврзувачки мост меѓу Бугарија и Албанија“,
вели Таравари.
Со амбасадорот Ангелов, посочува лидерот на АА, се договориле за продолжување на дијалогот во поглед на европската иднина на Северна Македонија и „закотвувањето на регионот во западниот блок, далеку од злонамерните влијанија на Москва“.
Инаку, деновиве се интензивираат преговорите меѓу премиерот Димитар Ковачевски и Таравари за проширување на владиното мнозинство, а според самиот лидер на АА конечен договор може да се учекува во текот на утрешниот ден.
Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, кој беше повлечен на консултации во Софија по инцидентот во Охрид, каде беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, македонски држвјанин кој се декларира како Бугарин, пред една недела им се врати на своите дипломатски должности во Скопје.