За разлика од Таравари, кој вели дека сегашното мнозинство е нефункционално, а дека АА не преговара за ново парламентарно мнозинство, Николоски смета дека е можно сегашната опозиција да стане власт пред локалните избори
Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар и генерален секретар на Алијансата за Албанците, не исклучува можност за коалицирање и со други партии, освен со Алтернатива, на годинашниве локални избори, ама, како што вели, сѐ уште нема одлука за тоа ниту, пак, се почнати разговори за соработка.
Во гостување на Сител, одговарајќи на прашање дали е можна предизборна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, Таравари како пример ја посочува коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ на претходните локални избори, во 2017 година, односно во период кога и Алијансата беше дел од владејачката коалиција.
„Искрено, сѐ уште немаме официјални разговори со некоја партија. Меѓутоа, ако одиме по оваа инерција како функционира Владата, знаете дека во 2017 година СДСМ и ДУИ одеа заедно на локалните избори. Јас, на пример, во Гостивар одев сам како кандидат за градоначалник, а имав за противкандидат заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ. На овие избори веројатно и ние ќе направиме некоја таква комбинаторика, меѓутоа, ви велам, париските органи на крај ќе одлучат и кога ќе го направиме тоа, ако го направиме, сѐ ќе биде транспарентно. Со тие партии, со кои ќе соработуваме ќе излеземе на прес-конференција и ќе кажеме што и како планираме“,
изјави Таравари.
Тој вели дека засега АА, заедно со Алтернатива, немаат дефинитивен став, меѓутоа, додава, постојат шанси и веќе се разгледува разгледуваме став во партиските органи за евентуално коалицирање на локалните избори со повеќе партии, со турски, ромски, па и со некоја македонска партија.
„На локални избори одлучуваат повеќе партии, во зависност од етничката структура на општината, меѓутоа, на крај сите одлуки ги носат телата на партијата“,
рече Таравари.
Тој рече дека АА не е во преговори за ново мнозинство во парламентот, ама нагласи дека и во владејачката коалиција, како и во опозицијата, има незадоволни пратеници кои размислуваат на таков начин. Таравари оцени и дека премиерот Зоран Заев сам ќе предложи предвремени парламентарни избори заедно со локалните затоа што, според него, сегашното мнозинство е нефункционално.
„Заев има скромно мнозинство кое е нефункционално и ние често, заради конструктивност, правиме кворум на седници и помагаме за да тече работата. Инаку, има големо незадоволство во партиите што се во владината коалиција, особено кај малцинските“,
изјави Таравари.
Денеска и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на прашање дали се размислува за предизборни коалиции, можеби со Алијанса за Албанците и Алтернатива, одговори „апсолутно“. Но, за разлика од Таравари, Николоски вели дека интензивно се разговара за формирање ново парламентарно мнозинство.
„Сѐ уште е рано да излеземе со конкретни позиции по однос на локалните избори, но дефинитивно сакаме едно широко обединување на опозициските партии кои ќе настапат на локалните избори, со цел оваа власт да падне на локалните избори. Знаете дека веќе имаме одредена соработка со Алијанса и Алтернатива во Собранието, како и во рамки фондацијата ‘Конард Аденауер’. Таа соработка ја продолжуваме и во следниот период. Мислам дека е возможно до локалните избори оваа коалиција да успее и да ја турне оваа власт. Многу интензивно разговараме со пратеници од владејачкото мнозинство и зошто оваа коалиција да не стане владејачка до локалните избори“,
изјави Николоски.
За можни предвремени парламентарни избори, заедно со локалните, Николоски рече: „Нашата ракавица е фрлена за предвремени парламентарни избори“.