Денеска во земјава ќе се вратат двајца пациенти кои се на лекување во Полска и Белгија
Бројот на повредени во пожарот во Кочани кои се во критична состојба е намален на тројца. Тие и натаму остануваат во тешка состојба, информира на прес-конференција министерот за здравство Арбен Таравари.

„Цело време се критични. Едниот пациент кој беше критичен сега е многу подобар и веќе бројката на критични пациенти се намалува на три. Но тоа не значи дека така ќе продолжи. Кај некои пациенти, за жал, има флуктуација во нивната здравствена состојба“,
изјави Таравари.
Министерот додаде дека од вкупно 193 повредени во пожарот во Кочани, заклучно со денеска, на лекување остануваат 100 пациенти. Од нив 20 се лекуваат во земјава, а 80 во странство. Во текот на денот во земјава ќе се вратат двајца пациенти кои се на лекување во Полска и Белгија.
„Најава имаме за враќање на повеќе пациенти до крајот на неделата. Ги очекуваме полесните пациенти да се вратат, тие што се рехабилитирани комплетно“,
додаде министерот за здравство.