Алијансата за Албанците би прифатила да биде дел од новата Влада заедно со Демократската унија за интерграција (ДУИ), само доколку мандатар биде Насер Зибери, во сите други случаи се за ДУИ да отиде во опозиција.
Ова за Телма го вели Арбен Таравари, од Алијансата за Албанците кои на изборите настапија заедно со Алтернатива и освоија 12 пратенички мандати.
„Формирањето на Влада е игра на бројки, нормално, ние сме кажале, ако мандатар е Насер Зибери, ние ќе го поддржиме. Ако не, сите други комбинации кадешто би се нашле со некого со одредени програмски точки и принципи на добро владеење, тука сме да помогнеме и доколку можеме да направиме 61 пратеник без ДУИ“,
рече Таравари.
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, вчера во интервју за Канал 5 рече дека нема да бидат дел од Влада во која е и ДУИ, но рече дека не може да влезат во преговори без нивниот коалициски партнер Алијанса за Албанците.
Гаши рече дека за нив е важно формирањето на Владата да биде засновано на легитимитет, а поради исходот од изборите, им дозволиле на ДУИ да преговараат за Влада. Според него, ДУИ нема да отстапи од своето барање за премиер на државата да биде Албанец.
„На изборите, во албанскиот дел зборувам, имаше два концепти. Првиот беше за премиер Албанец, а вториот беше – држава за сите. Ние направивме програма, излеговме пред граѓаните со нашата понуда. Ние тогаш кажавме дека тоа е маркетиншки трик и дека тоа е неизводливо сега во моментов и не само што не е изводливо, туку и не е некој голем интерес на Албанците“,
рече Гаши и додаде дека очекува понуда за бидат дел од Владата доколку ДУИ не успее со премиерот Албанец.