„Време е за разум, време е за одговорност и висока свест и совест и да се донесе најдобрата одлука за иднината на државата и граѓаните. Колку и да е тешка, тоа е сепак државничка одлука и мора да се преземе одговорност. Дури и да биде тоа по цена на некој иден политички пораз, по цена на позитивни или негативни реперкусии, сепак, иднината ќе потврди дали е донесена правилната одлука“, порача Џафери во своето обраќање на Мечкин Камен по повод 2 Август – Денот на Републиката
Инаку, пристигнувањето на Џафери со собраниската делегација на Мечкин Камен беше проследено со свирежи во знак на негодување од дел од присутните на народниот собир
Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање, за што се определивме како држава уште од осамостојувањето во 1991 година или ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој не води никаде. Ова е изборот што треба да се донесе со надминување на хировите, согледување на реалноста и излегување од тесните и себични партиски интереси, порача претседателот на Собранието, Талат Џафери, во своето обраќање на централната прослава и народниот собир по повод 2 Август на Мечкин Камен.
Европската идеја од Крушевскиот манифест од пред 120 години за слобода, обединување и просперитет е на дофат, рече претседателот на Законодавниот дом.
Ова, како што истакна тој, не се времиња за наивни надмудрувања кои можат да резултираат со иреверзибилни последици од кои никој потоа нема да може да се извлече.
„Време е за разум, време е за одговорност и висока свест и совест и да се донесе најдобрата одлука за иднината на државата и граѓаните. Колку и да е тешка, тоа е сепак државничка одлука и мора да се преземе одговорност. Дури и да биде тоа по цена на некој иден политички пораз, по цена на позитивни или негативни реперкусии, сепак, иднината ќе потврди дали е донесена правилната одлука“,
рече Џафери, додавајќи дека ако во денешен контекст ги анализираме некогашните историските одлуки, за кои и тогаш имало такви кои сметале дека биле погрешни, „актуелниот признат и почитуван статус на Република Северна Македонија во меѓународен контекст потврдува дека биле вистинските одлуки“.
Имаме една заедничка држава, рече претседателот на Собранието, и сите сме одговорни да ја чуваме. А патот по кој треба да чекориме е одамна детерминиран, уште од првите илинденци.
„Тие биле свесни дека само со надминување на тесната и себична рамка, со отворање на умот и силно прегрнување на благодетите кои ги нуди заедништвото, ќе бидеме пример за нова и додадена вредност во регионот и пошироко. Тоа е наш долг кон сите што се бореа за таква граѓанска држава и општество во кое новите генерации ќе живеат, растат, се образуваат и творат во слободна, независна, модерна и напредна земја, во која со радост ќе го славиме сите заедно Илинден, во чест на сите револуционери кои имаа удел во создавањето на европска Република Северна Македонија, а ние ќе бидеме горди европски граѓани“,
истакна претседателот на Собранието.
Говорејќи во тој контекст, тој порача дека заедништвото нема цена, а девизата дека „Цело е кога има сѐ“, не е празна флоскула.
„Цело е кога сите се задоволни, среќни, успешни, лојални и вредни, пред сѐ – со љубов кон татковината! А татковината е земјата во која ја градиш иднината, ги растеш своите деца, ги учиш да ја сакаат земјата која им дала сѐ“, и почит, и праведност, и уживање на правото на образование на мајчин јазик, вработување, правичност, недискриминација, давање на еднакви можности и вреднување според истите тие еднакви можности,
рече Џафери.
Во своето обраќање тој се осврна и на придобивките на земјата од членството во НАТО.
„Зарем ќе можевме во актуелниот безбедносен контекст на европскиот континент да бидеме мирни ако не бевме под безбедносниот чадор на НАТО, најмоќниот воено-политички сојуз? Да не се залажуваме, никој не може да се одбрани сам, само сплотени со сиот напреден и демократски свет сме силни!“,
рече Џафери.
На почетокот на своето обраќање претседателот на Законодавниот дом се осврна на визионерството на водачите на Илиденското востание и Крушевскиот манифест.
„Крушевскиот манифест беше документот во кој авторот и водачите на Илинденското востание, Никола Карев, Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и други знајни и незнајни херои покажаа дека имаат високо развиени цивилизациски вредности и принципи за заедништво, толеранција и почитување на човековите права и слободи, без разлика на вера, етничка припадност, пол или социјален статус. Пред повеќе од еден век, со визионерството што го имале, зборувале и се бореле за слобода, за правда, за почитување на човековите права, за соживот, толеранција и разбирање, за мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално општество“,
истакна претседателот на Собранието.
Тој се осврна и на Првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) во 1944 кога, како што рече, слободољубивите повторно застанаа на страната на доброто наспроти злото.
„Првото антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) во 1944 година, беше денот кога државата првпат во својата историја доби демократска власт под своето име, беше донесена Декларацијата за основните права на граѓаните. Тоа беше уште еден цврст столб врз којшто се градеше државотворноста на земјата. А третиот столб беше Референдумот од 8 септември 1991 година, кога народот одлучи за самостојност на државата и конечно градење на модерно, граѓанско општество, како дел од заедницата на најрелевантните нации на модерното време“,
рече Џафери во обраќањето.
Инаку, пристигнувањето на Џафери со собраниската делегација на Мечкин Камен беше проследено со свирежи во знак на негодување од дел од присутните на народниот собир.
Високата државна делегација, предводена од Џафери, која го чествува Илинден во Крушево, ја сочинуваат Миле Талески, Љупчо Балковски и Петар Ристески како претставници од Собранието, додека од Владата се присутни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Претходно, собраниската заедно со другите делегации положија венци свежо цвеќе и се поклонија пред паметниците во илинденско Крушево.