Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги негираат информациите што беа објавени во дел од медиумите дека документите биле споделувани со лица од криминалната група од Грчец
Службените документи со кои бил фатен членот на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски требало да бидат објавени на социјалните мрежи и за тоа сакал да земе 50 000 евра од лицето за кое се однесувале материјалите.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) попладнево соопшти дека е отворена истрага против припадникот на Единицата за лично обезбедување на премиерот и сподели нови детали од случајот.
Конкретно, новите моменти се однесуваат на вечерта на 30 март, кога полицаецот бил уапсен со документите кои му ги покажувал на лице, инаку сведок во постапката и му дозволил да ги снима.
Истовремено од ОЈО ГОКК ги негираат наводите што ги објавија дел од медиумите дека документите биле споделувани со лица од криминалната група од Грчец.
„Осомничениот како службено лице (самостоен инспектор припадник на Единицата за лично обезбедување на претседателот на Владата на РСМ), вечерта на 30.3.2025 година на паркинг-простор пред хотел во Велес, се сретнал со неповикано лице – сведок во постапката и му покажал службени документи на МВР, што претставуваат службена тајна. Притоа, му дозволил на сведокот да ги снима, кажувајќи му кој документ за што се однесува. На овој начин, осомничениот од користољубие, а со цел да бидат објавени на социјалните мрежи, сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50 000 евра од лицето за кое се однесувале документите“,
се наведува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Од Обвинителството информираат и дека на предлог на јавниот обвинител на осомничениот му е определена мерка притвор од 30 дена, што претходно го потврдија и од Основниот кривичен суд Скопје.
Од Судот појаснија дека на осомничениот полицаец му е одреден триесетдневен притвор бидејќи се гони по ставот 2 од членот 360 од Кривичниот законик (КЗ), кој се однесува на кривичното дело одавање службена тајна од користољубие или за користење на податоците во странство.
За ова кривично дело, според посочениот став, е предвидена затворска казна од најмалку една година, односно не е предвидена горна граница до која би се движела казната.

На крајот од соопштението од стои напомената, односно укажувањето на ОЈО ГОКК дека ниту лицата, ниту документите во овој предмет, не се поврзани со лицата и групата од Грчец, како што во текот на вчерашниот и денешниот ден објавија дел од медиумите.
Најголем дел од медиумите веќе со име и презиме го објавија идентитетот на осомничениот, сега веќе поранешен член на обезбедувањето на Мицкоски. Станува збор за Ангел Сарамаков од Велес, кој од вчера се наоѓа на издржување на мерката притвор во затворот „Скопје во Шуто Оризари.
За акцијата во која бил приведен членот на обезбедувањето на премиерот, Министерството за внатрешни работи информираше вчера вечер, преку писмено соопштени. Во него беше наведено дека била спроведена од полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС), а во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а по претходно добиени сознанија во врска со одавање на службена тајна.
Во рамките на истражните дејствија биле извршени претреси на повеќе локации и според информациите се пронајдени и одземени мобилни телефони, електронски уреди, службени документи и други предмети релевантни за истрагата.
Апсењето на полицаецот од шестата управа на МВР, денеска беше повод за политички препукувања меѓу опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Опозиционерите изразија сомнеж за координација меѓу најблиските луѓе на премиерот и криминалното подземје и оттука прашаа дали неговото обезбедување работело самоволно или било испратено да пренесе информации бидејќи тој, како што рекоа, согласно своите надлежности, нема пристап до доверливи податоци.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека наместо да ја поздрави акцијата на МВР и да научи како државата мора да ги победува тие што ја злоупотребуваат, СДСМ како дете на кое ништо не може да му се погоди реагира колку да каже нешто.
Оттаму посочија дека без разлика дали станува збор за член на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или на обезбедувањето на премиерот, за криминогените нема да има милост, додавајќи дека законот важи подеднакво за сите.