Засега нема индиции дека Томас Метју Крукс, кој се обиде да го убие поранешниот претседател во саботата бил поврзан со заговорот
Американските власти имале разузнавачки информации за можен ирански заговор за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп, објави денеска Си-Ен-Ен, повикувајќи се на добро упатени извори. Според информациите добиени од неименуван извор, тајната служба ги имала овие сознанија во последните неколку недели, што довело до зголемување на безбедноста околу Трамп.

Засега нема индиции дека Томас Метју Крукс, кој се обиде да го убие поранешниот претседател во саботата бил поврзан со заговорот, пишува медиумот.
Но ова, како што се наведува во анализата, отвора нови прашања за безбедносните пропусти на митингот – како и покрај информациите за можен атентат од непријателска странска разузнавачка агенција и зголеменото обезбедување, 20-годишниот маж успеал да пристапи до блискиот покрив за да пука.
Од тимот кој ја води кампањата на републиканскиот кандидат за претседател на САД не откриваат дали ги имале овие информации пред митингот во саботата.
„Не ги коментираме безбедносните детали на претседателот Трамп. Сите прашања треба да се упатат до Тајната служба на САД“,
се наведува во соопштението.
Претставници на Тајната служба како што потенцираат изворите за Си-Ен-Ен, постојано ги предупредувале организаторите на кампањата на Трамп да не одржува митинзи на отворено, бидејќи тоа претставува поголем ризик.
„Тајната служба и другите агенции постојано добиваат нови информации за потенцијална закана и преземаат активности за приспособување на ресурсите, по потреба. Не можеме да коментираме за кој било конкретен тек на закани, освен да кажеме дека Тајната служба сериозно ги сфаќа заканите и соодветно реагира“,
изјавил портпаролот на агенцијата Ентони Гуглиелми.
Истрагата за обидот за атентат во саботата на поранешниот претседател Трамп е активна и во тек, а според информациите досега не се идентификувани врски помеѓу напаѓачот и друг соучесник.
Во саботата на митинг во Пенсилванија Трамп беше погоден од куршум во горниот дел од десното уво, што му предизвика мало крварење, но без сериозни повреди. Еден учесник на митингот беше убиен во пукотницата, а двајца други беа „критично повредени“.
Осомничен за нападот беше 20-годишниот Томас Метју Крукс од Бетел парк, Пенсилванија кого ФБИ го идентификуваше како личност која стои зад обидот за атентат.