Шинаватра, која има 38 години, ја извршува функцијата премиер само 10 месеци откако го замени својот претходник, кој беше тргнат од функцијата. Нејзината суспензија внесува нова неизвесност во државата, која веќе со години се соочува со политички превирања и чести промени во врвот на власта, пишува Си-ен-ен
Тајландската премиерка Паетонгтарн Шинаватра денеска беше суспендирана од должноста и се соочува со можно разрешување поради започната етичка истрага во врска со протечен телефонски разговор со моќен поранешен лидер на Камбоџа.

Шинаватра, која има 38 години, ја извршува функцијата премиер само 10 месеци откако го замени својот претходник, кој беше тргнат од функцијата. Нејзината суспензија внесува нова неизвесност во државата, која веќе со години се соочува со политички превирања и чести промени во врвот на власта, пишува Си-ен-ен.
Уставниот суд на Тајланд ја прифати петицијата од група 36 сенатори кои ја обвинија Шинаватра за прекршување на Уставот поради повреда на етичките стандарди во спорниот разговор, кој беше потврден како автентичен од двете страни.
Судот гласаше за нејзина суспензија од премиерската функција додека не се донесе конечна одлука за случајот. Паетонгтарн, сепак, ќе остане во владата како министерка за култура по реконструкцијата на кабинетот.
Паетонгтарн се соочува со зголемени повици за нејзина оставка, а во саботата во Банког се одржаа и антивладини протести откако протече разговорот со Хун Сен во врска со ескалирачкиот граничен спор меѓу двете земји што предизвика бес во јавноста.
Скандалот минатата недела ја поттикна партијата Бумјаитаи, која е еден од клучните партнери во владината коалиција на Паетонгтарн, да се повлече, што претставува сериозен удар за способноста на партијата Феу Таи да ја задржи власта. Освен тоа, таа се соочува и со драматично опаѓање на рејтингот и гласање за недоверба во парламентот.
Во протечениот разговор од 15 јуни, Паетонгтарн може да се слушне како го нарекува поранешниот камбоџански лидер Хун Сен „чичко“ и како ги критикува постапките на сопствената армија по граничните судири во кои минатиот месец загина камбоџански војник.
Во аудиото, тајландската премиерка му вели на Хун Сен дека е под домашен притисок и го советува да не ја слуша „спротивната стана“, алудирајќи на еден гласен тајландски армиски командант од североисточниот дел на Тајланд.
Таа, исто така, додаде дека ако Хун Сен сака што било, може да ѝ каже и таа ќе се погрижи за тоа.
Нејзините коментари во протеченото аудио предизвикаа голема вознемиреност во Тајланд, а опозицијата ја обвини дека ги компромитира националните интереси.
По одлуката на судот, Паетонгтарн изјави дека ја прифаќа одлуката и дека нејзината намера била навистина да работи за доброто на земјата.
„Сакам јасно да кажам дека моите намери беа повеќе од 100 проценти искрени – работев за државата, за заштитата на нашиот суверенитет, за зачувување на животите на нашите војници и за одржување на мирот во нашата земја. Исто така, сакам да им се извинам на сите мои сограѓани кои се чувствуваат несигурно или вознемирено поради овој настан“,
изјави таа на прес-конференција.
Тајланд и Камбоџа имаат комплицирани односи, со елементи на соработка, но и ривалство во последниве децении. Двете земји имаат заедничка копнена граница долга 817 километри, која во голем дел ја мапирале Французите додека Камбоџа била под нивна колонијална власт и земјата повремено била дел од воени судири и извор на политички тензии.
По скандалот, Паетонгтарн се обиде да ги минимизира своите изјави до Хун Сен велејќи дека се обидувала да ја намали тензијата меѓу двете земји и дека разговорот бил приватен и не требало да стане јавен.
Таа истакна дека користела преговарачки тактики и дека нејзините коментари не биле изјава за лојалноста.
Паетонгтарн стана премиерка минатата година откако Уставниот суд одлучи дека нејзиниот претходник Срета Тависин ги прекршил етичките правила и го смени од должноста.
Истиот суд, исто така, ја распушти популарната прогресивна партија Движи се напред (Move Forward), која освои најмногу пратенички места на изборите во 2023 година, а на нејзините лидери им забрани да се занимаваат со политика во наредните 10 години.