Милијардерот рече дека се надева оти и други истакнати руски бизнисмени ќе го следат неговиот пример за да го ослабат „режимот на претседателот Владимир Путин и неговата економија“ и на крајот да го поразат
Милијардерот Олег Тинков, основач на онлајн банката „Тинков“, соопшти дека се откажал од руското државјанство поради војната во Украина, која и досега жестоко ја критикуваше, јавуваат агенциите.
„Донесов одлука да се откажам од руското државјанство. Не можам и не сакам да бидам поврзан со фашистичка земја која започна војна со својот мирен сосед и која секојдневно убива невини луѓе“,
напиша Тинков на Инстаграм, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Милијардерот рече дека се надева оти и други истакнати руски бизнисмени ќе го следат неговиот пример за да го ослабат „режимот на претседателот Владимир Путин и неговата економија“ и на крајот да го поразат.
Тинков заедно со пораката објави фотографија од документ од рускиот конзулат, како потврда дека повеќе нема руско државјанство.
„Ја мразам Путиновата Русија, но ги сакам сите Руси кои очигледно се против оваа луда војна“,
додаде Тинков.
Неговата банка во 2020 година соопшти дека е трета по големина банка во Русија, по Сбербанк и ВТБ и дека има околу 20 милиони клиенти.
Тинков во април жестоко ја критикуваше апсурдната руска офанзива во Украина повикувајќи го Западот да помогне да се стави крај на масакрот.
Милијардерот беше уапсен во 2020 година во Лондон по барање на САД кои го обвинија за затајување данок. Тој подоцна беше ослободен со кауција и се наоѓа на лекување во Лондон.