СЗО го повтори својот апел за итен прекин на огнот во Газа како единствен начин да се спасат животи и да се намали ужасното ниво на страдање

Од Светската здравствена организација (СЗО) велат дека ја изгубиле комуникацијата со болницата „Ал Шифа“ во северниот дел на Газа и изразуваат голема загриженост за безбедноста на здравствените работници, стотици болни и повредени пациенти, вклучително и бебиња на апарати за одржување во живот и раселени лица кои се во болницата.
„Додека продолжуваат да се појавуваат застрашувачки извештаи за болницата која се соочува со повторени напади, претпоставуваме дека нашите контакти им се придружија на десетици илјади раселени луѓе и бегаат од областа“,
се вели во објавата од СЗО на социјалната мрежа „Икс“.
.@WHO has lost communication with its contacts in Al-Shifa Hospital in northern Gaza. As horrifying reports of the hospital facing repeated attacks continue to emerge, we assume our contacts joined tens of thousands of displaced people and are fleeing the area. ⬇️ pic.twitter.com/SouW2W3cad
— WHO Regional Office for the Eastern Mediterranean (@WHOEMRO) November 12, 2023
СЗО го повтори својот апел за итен прекин на огнот во Газа како единствен начин да се спасат животи и да се намали ужасното ниво на страдање.
Според Министерството за здравство на Газа, последниот генератор во болницата останал без гориво во саботата, што предизвикало смрт на недоносено бебе, уште едно дете во инкубатор и четворица други пациенти, пренесува „Гардијан“.
Директорот на болницата „Ал Шифа“, Мохамед Абу Селмија, потврдува дека во објектот нема електрична енергија поради нападите кои се случуваат околу најважната болница.
„Медицинските помагала престанаа да работат. Пациентите, особено оние на интензивна нега, почнаа да умираат“,
вели директорот Мохамед Абу Селмија за Асошиетед прес.
За состојбата во болницата информираа и од „Лекари за човекови права Израел“ од каде што велат дека поради прекини на струја во болницата неонаталната интензивна нега престанала да работи.
„Две предвремено родени бебиња починаа, а постои реален ризик за животите на 37 други предвремено родени бебиња“,
велат од организацијата повикувајќи се на лекарите во болницата, пренесе агенцијата Франс прес.
Мунир Ал-Бурш, кој го предводи Министерството за здравство во Газа, рече дека лекарите биле принудени да им даваат мануелно вештачко дишење на 36. бебиња во одделението.
Ал-Бурш додава дека болницата е опкружена од сите четири страни и проценува дека таму моментално се лекуваат 400 луѓе, а околу 20 000 раселени луѓе бараат засолниште.
Во последните извештаи од конфликтот во Појасот Газа се наведува дека болницата е опколена со израелски тенкови, а некои од оние што се обиделе да побегнат биле изложени на израелски оган во кој биле ранети или убиени.
Портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари ги отфрли наводите дека израелската армија ја држи под опсада болницата „Ал Шифа“, пренесува „Тајмс оф Израел“.
„Ние се бориме против терористите кои избраа да се борат во близина на болницата“,
рече Хагари.
Тој посочи дека ИДФ постојано им дозволува на пациентите и персоналот во болниците во Газа да преминат во јужниот дел на Појасот Газа.
Хагари изјави дека ИДФ е во комуникација со болницата „Ал Шифа“ и ќе помогне во евакуацијата на бебињата од педијатриското одделение во побезбедна болница.