Повеќе од половина од посиромашните земји кои добиваат вакцини против ковид преку програмата за размена Ковакс немаат доволно залихи за да продолжат со вакцинацијата, изјави денеска советникот во Светската здравствена организација, Брус Ајлвард.
„Би рекол дека од 80 посиромашните земји, барем повеќе од половина, немаат доволно вакцини за да ги одржат своите програми за вакцинација“,
рече Ајлвард на брифингот, додавајќи дека некои од нив веќе немаат вакцини.
Во исто време, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека разговара со бројни компании и институции за создавање центар за трансфер на технологија за вакцини против коронавирус во Јужна Африка.
Тедрос на брифингот рече дека конзорциумот ја вклучува компанијата „Африџен Биолоџикс енд Ваксинс“, која ќе биде седиште за производство на вакцини кои користат протеин со генетски код, познати како mRNA вакцини, и ќе обезбедат обука за другите производители кои ќе ги направат овие вакцини, вклучително и Институтот „Биовак“.
„СЗО ја олеснува оваа работа со воспоставување критериуми за трансфер на технологија. Сега разговараме со неколку компании кои покажаа интерес да ја обезбедат својата mRNA технологија“,
додаде тој.
Германската компанија „БиоНТек“, која соработуваше со „Фајзер“ за производство на вакцината против ковид-19, неодамна објави дека ќе ги засили напорите за воспоставување на капацитети за производство на вакцини низ Африка.