Претставници на Светската здравствена организација (СЗО) појавата на коронавирусот не ја сметаат за пандемија и се надеваат дека пренесувањето на вирусот би можело да биде спречено.
СЗО призна дека е предизвик да се стави под контрола вирусот поради глобалното масовно движење, но верува дека мерките ќе го спречат пренесувањето.
„Веруваме дека тоа може да се постигне со сегашните заштитни мерки“,
изјави денеска директорката на Одделот за пандемиски и епидемиски болести при СЗО, Силви Брајант.
Таа нагласи дека „не сме во пандемија“, објаснувајќи дека моментно вирусот е епидемија која се појавува на повеќе локации.
Брајант потенцира дека за да се намали ширењето на коронавирусот, не се доволни само маски и ги повика луѓето редовно да мијат раце.
Според Државната здравствена комисија во кинеската провинција Хубеј, која е епицентар на епидемијата, жртвите на коронавирусот во 80 отсто случаи се на над 60-годишна возраст.
Стапката на смртност во Кина изнесува 2,1 отсто, а во провинцијата Хубеј е 3,1 проценти.
Од 425 потврдени смртни случаи низ Кина, 80 отсто од жртвите биле над 60-годишна возраст, а 75 проценти од нив претходно имале некаков облик на друга болест. Речиси две третини од потврдените смртни случаи биле мажи.
Здравствената комисија наведува дека просечно време за пациентот целосно да заздрави е девет дена.
Засега има регистрирано 20 438 случаи заразени од коронавирус во Кина.
*Поврзана вест: Над 20.000 заразени од коронавирусот, во Кина веќе починаа 425 лица