Кинеските здравствени власти ги објавија најновите податоците за бројот на заразени и починати од коронавирусот од градот Вухан, според кои во последните 24 часа се откриени 3.235 нови случаи, објавија француските медиуми.
Со нив вкупниот број на заразени веќе надмина 20.000, или заразени се точно 20.400 лица.
Потврдена е и смртта на уште 64 пациенти, кои го добиле вирусот и како резултат на тоа развиле болест. Сите се од најсилно зафатената провинција Хубеј, каде што досега починале 414 лица.
Со тоа вкупниот број на починати во Кина се зголеми на речиси 425 лица.
Денеска и Хонгконг го потврди првиот смртен случај. Се работи за маж кој починал од компликации бидејќи имал и друго заболување. Со коронавирусот се заразил за време на престој во Вухан.
Во Хонгконг има 15 потврдени лица кои се заразени со коронавирус.
Ова е вториот смртен случај надвор од границите на континентална Кина.
Во Хонгконг стотици медицински работници втор ден штрајкуваат со барање властите целосно да им се забрани пристап на луѓето од континентална Кина во градот.