Според последните извештаи, во болницата сè уште има неколку стотици пациенти и медицински персонал, како и неколку илјади луѓе кои побарале засолниште таму
Откако израелската армија утрово објави дека влегла во комплексот „Ал Шифа“, најголемата болница во Газа, повикувајќи ги милитантите на Хамас да се предадат, од Светската здравствена организација (СЗО) тврдат дека изгубиле секаков контакт со болничкиот персонал, пренесува „Гардијан“.

Канцеларијата за медиуми на Хамас утрово излезе со соопштение во кое нападот на израелските сили врз болницата „Ал Шифа“ во Газа го нарече воено злосторство, морално злосторство и злосторство против човештвото, пренесува Би-би-си.
Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, на социјалната мрежа Икс изјави дека се многу загрижени поради извештаите за воен упад во болничкиот комплекс „Ал Шифа“.
„Повторно изгубивме контакт со медицинскиот персонал во болницата. Ние сме крајно загрижени за нивната безбедност и безбедноста на пациентите“,
рече Гебрејезус.
Reports of military incursion into Al-Shifa hospital are deeply concerning.
— Tedros Adhanom Ghebreyesus (@DrTedros) November 15, 2023
We’ve lost touch again with health personnel at the hospital.
We’re extremely worried for their and their patients’ safety.
Инаку, израелската армија објави дека спроведува прецизна и насочена операција против Хамас во одредени делови од болницата, врз основа на разузнавачки информации и оперативни сознанија.
Оттаму додадоа и дека во своите сили имаат медицински тимови и арапски преведувачи, специјално обучени да се подготват за оваа сложена и чувствителна средина, со цел да не им се наштети на цивилите.
Според последните извештаи од „Ал Шифа“, во болницата сè уште има неколку стотици пациенти и медицински персонал, како и неколку илјади луѓе кои побарале засолниште таму.