Од Месната заедница додаваат дека половина од населеното место, како и познатиот хотел „Неда“ се отсечени и пристапот со возило не е возможен

Главниот пат кој минува низ селото Галичник и кој го поврзува целото населено место е прекинат поради сериозно оштетување, соопштија денеска од Месната заедница „Галичник“.
На патот, додаваат оттаму, има сериозно оштетување, одрон и почеток на свлечиште.
„Доколку ова оштетување не се санира веднаш, со пролетните дождови тоа ќе продолжи и со сигурност ќе предизвика свлечиште кое ќе направи штета по имотот кој се наоѓа под патот, ќе ја компромитира стабилноста на градбите над патот, и во најлош случај може да предизвика ризик за животот и здравјето на граѓаните и живиот свет“,
додаваат од Месната заедница.
Вчера, од екипа на Министерството за внатрешни работи (МВР), патот бил отсечен поради небезбедност за движење, а за состојбата бил информиран и Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од Месната заедница додаваат дека половина од населеното место, како и познатиот хотел „Неда“ се отсечени и пристапот со возило не е возможен.
„Во моментот во хотелот престојуваат сопствениците кои се постојани жители на Галичник, како и гости меѓу кои бебиња, мали деца и лица во поодмината возраст. Во моментов единствен начин за пристап до хотелот и куќите во тој дел на Галичник е можен пеш, по терен со исклучително остар наклон. За дотур на храна и било каква друга испорака, пристапот не е возможен“,
велат од Месната заедница.
Оттаму додаваат дека на прагот на туристичката сезона Галичник е секојдневно посетен од огромен број туристи, а во полн ек додаваат дека се и активностите за организација на „Галичка свадба“, нешто кое само по себе бара постојано движење низ Галичник и подготовка на локациите на кои се одржуваат деловите од манифестацијата.