Дојче веле оценува дека тензиите растат повеќе од две децении по бруталната војна во Косово
Светските медиуми известуваат за одлуката на Белград да ја зголеми борбената готовност по неколкунеделните тензии на северот на Косово. Би-би-си пишува дека ѕвечкањето со оружје е најгласно досега по наводите на некои медиуми дека Приштина подготвува напад врз областа на етничките Срби на северот на Косово.
Британскиот јавен сервис наведува дека од Приштина нема коментар за тврдењата дека подготвува напад на северот на Косово.
Агенцијата АП наведува: „Србија, која е вооружена со руски донации и воени резерви, веќе подолго време ѕвечка со оружјето и ѝ се заканува на својата поранешна покраина со сила“.
„Србија ги стави своите безбедносни трупи на целосна борбена готовност на границата со Косово, игнорирајќи ги повиците на НАТО за смирување на тензиите меѓу двата непријатели од времето на балканските војни“,
додава агенцијата.
Не беше веднаш јасно што значи оваа наредба на теренот, имајќи предвид дека српските сили веќе извесно време се во состојба на готовност на границата со Косово, соопшти АП. За зголемување на тензиите придонесе и фактот што на на српскиот патријарх Порфириј, кој рече дека би сакал да испрати порака за мир за Божиќ на 7 јануари, му беше одбиен влезот во Косово.
Франс прес пишува дека настанатата ситуација ги истакнува „неодамнешните тензии во соседно Косово, каде што имаше пукотници и експлозии и каде беа поставени блокади на патиштата“.
Дојче веле оценува дека „тензиите растат повеќе од две децении по бруталната војна во Косово“.
Министрите за внатрешни работи и за одбрана, Братислав Гашиќ и Милош Вучиќевиќ, наредија подигање на целосна борбена готовност на сите единици на Министерството за внатрешни работи и на војската на Србија, по наредба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.