Според последните информации објавени во светските медиуми, во земјотресот во Тајван загинаа девет лица, 800 се повредени, додека 50 лица се водат за исчезнати

Силниот земјотрес, кој утринава го погоди Хуалиен на истокот од Тајван, се почувствувал и во тамошниот главен град. Македонци, кои се на привремена работа во Тајпеи, за „360 степени“ сведочат дека почувствувале силно нишање, паѓање на предмети и аларм за евакуација.
Тајпеи се наоѓа на 120 километри од епицентарот на земјотресот што се случи утринава во 8 часот по локално време.
„Сместени сме на 12. кат, па имавме чувство дека целата зграда се ниша лево-десно. Мебелот крцкаше, а некои предмети паднаа од полиците. Свесни бевме што се случува, но не и дали ќе издржи зградата. Кога заврши тресењето, сè уште бевме во шок, но не слушавме паника низ ходниците. По неколку минути, почувствувавме уште еден прилично силен земјотрес, но малку послаб од претходниот. Тоа нè убеди со поголема итност да се симнеме и да излеземе“,
раскажува Драгана С.
„Надвор веќе беа повеќето од гостите во хотелот, а се слушаше и аларм за евакуација. Луѓето беа смирени. Вработените ни рекоа дека го проверуваат хотелот за штета и после кратко време соопштија дека е безбедно да се влезе. Од вестите чекавме да дознаеме дали има штети и жртви. Слушнавме дека се очекуваат афтершокови и дека има предупредување за цунами во одредени крајбрежни региони. Метрото привремено не работеше, но изненадувачки по околу еден час се чинеше дека сè се враќа во нормала“,
вели Матеј Н. за „360 степени“.
Според последните информации објавени во светските медиуми, во земјотресот во Тајван загинаа девет лица, 800 се повредени, додека 50 лица се водат за исчезнати.
Според локалните сеизмолошки служби, станува збор за најсилниот земјотрес што го погодил Тајван во последните 25 години и предизвика уривање на згради и лизгање на земјиштето.