Агапи Дика кажа и дека сакала да поднесе оставка од функцијата во невладината организација на третото закажано собрание, но тоа не се одржало. Проектите за старски домови, рече, никако не се реализирале, но не знае зошто
Агапи Дика, претседателка на собранието на „Меѓународниот сојуз“, денеска сведочеше во судскиот предмет што се води против Бојан Јовановски-Боки 13, Јасна Ерцеговиќ, Фросина Ременски, Христина Блажевска и Миле Јовановски.


Таа рече дека на второто одржано собрание била донесена одлука за европски проекти за возрасни лица и мобилни центри, инаку проекти со кои, според обвинителството, биле измамени бизнисмените Силјан Мицевски од фирмата „Пелистер“ и Ардијан Амзоски од „Дрим билдинг“.
Со нив, рече Дика, биле потпишани преддоговори и потоа договори.
„Имаше презентација. Таа беше толку реална што никогаш не би можела да поверувам дека вакво нешто ќе се случи. Посебно проектот на ‘Дрим билдинг’ беше нешто прекрасно“,
рече Агапи и додаде дека проектот на „Дрим билдинг“ требало да се гради во Карпош, а на „Пелистер“ во Битола.
Меѓутоа, таа тврдеше дека не учествувала во преговорите ниту, пак, на почеток ги знаела сумите за кои биле потпишани договорите.
„Не, подоцна ги дознав сумите од медиумите. Можете да ги викнете сопствениците да се соочиме и да кажат дали сум била. Јас бев на повик, можам да избројам колку пати сум била во ‘Меѓународниот сојуз’“,
сведочеше Дика.
Одбраната инсистираше со своите прашања да каже како е можно таа, како една од потписничките на договорот и пртседателка на собранието, да не знаела за сумата.
Таа рече и дека не ѝ е познато зошто не се реализирале проектите.
Дика кажа дека во просториите на „Меѓународниот сојуз“ двапати ја видела и пензионерка Лилјана Тодоровска, која е автор на проектот за старски домови.
„Првиот пат имавме некои комисии, вториот пат Бојан ми рече да ѝ кажам да си оди. Ми беше непријатно, но ѝ реков. Не ми кажа од кои причини, мислам дека имаше други обврски“,
рече Дика.
Дика зборуваше дека имало и други заинтересирани фирми за овие проекти, како една од Гостивар и бизнисменот Чифлиганец, кој имал плац во населбата Илинден и требало таму да гради старски домови, но со него не бил склучен договор зашто земјиштето не било добро.
Средби со Заев и Спасовски
Бојан Јовановски со прашањата алудираше дека за проектите на „Меѓународниот сојуз“ била добиена и поддршка од високи функционери, на што Дика кажа дека биле и кај премиерот Зоран Заев.

„Ќе се согласите ли дека добивме поддршка од премиерот Зоран Заев? Ќе се согласите ли дека имавме презентација на акцискиот план кој требаше да се усвои на првото собрание?“,
беа дел од прашањата на Боки до Дика.
„Па, бевме кратко, 15-ина минути. Не можам да се сетам, многу кратко беше, влеговме и излеговме“,
рече таа и потврди дека биле на средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за да се оствари соработка.
Дика претходно зборуваше и како дошло до формираше на „Меѓународниот сојуз“, по враќањето на Боки 13 од Белград, каде што бил неколку години.
„Еден ден бевме на гости кај Јасмина и Миле (родителите на Боки), дојде Бојан, кажа дека му е предложено, не знам како, да формира меѓународен сојуз за социјално ранливи граѓани. Кажа дека треба да го гласаат 52 члена од ЕУ, а во игра биле 4 кандидати. По извесен период, ми беше кажано дека онлајн го избрале него да го основа ‘Меѓународниот сојуз’. За да се основа, требаше да се формира здружение, да има пет основачи, бидејќи ‘Меѓународниот сојуз’ е здружение од непрофитабилна дејност“,
рече Дика објаснувајќи дека доброволно прифатила да биде еден од основачите.
Во Музејот на современа уметност се одржала свечена седница на која присуствувале многубројни видни личности како Андреј Жерновски, Петре Шилегов, поранешниот британски амбасадор и други, а потоа во „Александар палас“ се одржало и првото собрание.
Во невладината, како што рече, доаѓала на повик, работеле и проекти за донирање храна на семејства, школски прибор за деца од социјално загрозени семејства итн.
Меѓутоа, на третото собрание, кое требало, но не се одржало, рече, сакала да поднесе оставка.
„Требаше да се одржи трето собрание во шести месец од 2018 година, но не се одржа. Јас сакав да си дадам оставка зашто постојано ме прекинуваа на собрание, едноставно не сакав повеќе да бидам претседател“,
рече Дика.
Сведочењето на Дика е во тек. По неа, треба да сведочи и Орце Камчев.
Боки 13 како претседател на „Меѓународниот сојуз“ е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Заменик-претседателката Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и асистентката на Боки, Христина Блажевска се обвинети за помагање во овие дела, а експратеничката Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е обвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.