Вештачењето покажало дека по царскиот рез на 27 август 2020 година состојбата на пациентката се влошила, а анализите на крвта покажале намалување на вредностите

Резултатите од супервештачењето, изготвено од судско-медицински одбор при Медицинскиот факултет од Скопје, покажале пропусти во постоперативниот период по извршениот царски рез на родилката Јилдиз Веапоска од Дебар.
Според презентираниот извештај на денешното рочиште во Основниот суд во Струга, одговорноста се посочува кај првоосомничениот, гинекологот Мухамед Асани, кој ја извел интервенцијата.
Според пензионираната д-р Верица Попоска од Институтот на судска медицина, најголемите пропусти се случиле по операцијата, кога на пациентката ѝ се влошила состојбата.
Вештачењето покажало дека по царскиот рез на 27 август 2020 година состојбата на пациентката се влошила, а анализите на крвта покажале намалување на вредностите.
„Пропусти се направени постоперативно, не се преземени дијагностички мерки за да се открие што е причината за таквата состојба. Доколку се преземеле навремено дијагностички постапки за утврдување на причината, би требало веднаш да се направи хируршка интервенција со цел да се стопира губитокот на крв. Со тоа би се избегнало енормното влошување на состојбата на пациентката на четвртиот постоперативен ден, изразено во вид на хеморагичен шок“,
појасни д-р Попоска.
На четвртиот ден пациентката во шокова состојба била внесена во сала во струшката болница, каде што ѝ биле отстранети матката и левиот јајник, а потоа и левиот бубрег.
Потоа Веапоска била пренесена во Клиничкиот центар во Скопје, каде што била направена уште една хируршка интервенција. Како што додаде д-р Попоска, доколку родилката не била испратена во Скопје, случајот би завршил фатално.
Од приложената пријава, односно обвинителен предлог, како што вели Попоска, нема одговорност кај второобвинетиот, д-р Блертон Асани, кој во моментот на интервенцијата бил специјализант. Одговорност не е посочена ниту кај третообвинетата, д-р Лилјана Јовановска, која не била на работа во постоперативниот период.
Јавната обвинителка на почетокот на рочиштето предложи измена во обвинителниот предлог, по што одбраната побара време да се запознае со промените. Обвинетите се изјаснија дека не го разбрале изменетиот обвинителен предлог и рекоа дека не биле на работа во постоперативниот период на родилката.
Тројцата лекари кои го изготвиле супервештачењето посочиле дека во досегашната кариера не се соочиле со таков случај.
Судењето треба да продолжи в петок со сослушување на обвинетите и со завршни зборови.
