Независноста и непристрасноста остануваат најслабо оценета област во судството, а најдобра е оценката за професионален развој и правична застапеност – во Вториот национален извештај за мерење на перформансите на судството
Во правосудството моментно се решаваат проблеми, но и перцепции наталожени со години. Со посветеност, во еден инклузивен процес, каде што ќе бидат вклучени сите фактори во правосудството, ќе може забрзано да се менува сликата за правниот систем во земјава, изјави министерот за правда Бојан Мричиќ коментирајќи го Вториот национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите во правосудството.
Тој рече дека клучните предизвици посочени во Извештајот, на кои мора да се работи заеднички со Судскиот совет и другите чинители во правосудството, се модернизацијата на судовите, кадровското зајакнување и зголемување на транспарентноста
Маричиќ кажа дека за потребата од зголемување на транспарентноста особено говорат многубројните индикатори низ Извештајот, во кој ставовите и мислењата на судиите од една страна и адвокатите и медиумите од друга страна, често се дијаметрално спротивни.
„Владата неодамна го усвои Планот за дигитализација, со што од идеја и планирање влегуваме во фаза на имплементација. Според планот, за релативно кратко време целосно ќе се дигитализираат речиси 200 судници, низ сите судови во земјата. Ова е навистина значаен, пред се технолошки скок кој со сигурно ќе ја зголеми и транспарентноста и ефикасноста на судовите, а со тоа ќе се подобри и перцепцијата на граѓаните за нивната работата“,
рече Маричиќ.
Во овој контекст, како што рече, е и анализата на состојбите во областа „Ефикасност“, каде што испитаниците сметаат дека е потребно технолошко унапредување и модернизација на судовите, како и кадровско зајакнување.
Маричиќ дополни дека она што го радува од Извештајот е зголемената позитивна перцепција кај судиите, и тоа за 17 процентни поени, во однос на индикаторот дека врз донесувањето на одлуките не влијаат приватните интереси, туку тие се донесуваат врз основа на фактите и доказите во предметот.
Ова, како што посочи, е своевидна потврда на тоа што го говорат, дека судовите се ослободуваат од притисоци и сега тие испорачуваат правда со засилена динамика.
Вториот национален извештај, издаден од Центарот за правни истражувања и анализи, кој е заснован на резултатите од мерењето со Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите на правосудството, е вграден во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022, со цел редовно и објективно мерење на судските реформи во земјата и следствено на тоа – соодветно дефинирање на приоритетите.
Во Извештајот се заклучува дека, и покрај недоволниот број судски службеници за документирање и правно истражување, ефикасноста на судовите во справувањето со предмети е на задоволително ниво. ИT-системот во судовите останува во најголем дел зависен од донаторска помош. Одржувањето и обновувањето на овој систем е поткопан поради недостаток на средства и персонал.
Значителен процент на судии и адвокати сметаат дека информатичката инфраструктура во судовите е несоодветна, бавна и несигурна.
Споредено со перцепциите од 2018 година, забележано е мало подобрување на перцепциите кај судиите, судската служба, јавните обвинители и државните правобранители наспроти перцепциите на адвокатите, странките во спорови и новинарите кои по однос на прашањето за ефикасноста на судовите се далеку покритички настроени.
Транспарентноста не е на задоволително ниво, што според перцепциите е резултат на недоволно функционалниот пристап до судските одлуки и ненавременото ажурирање на веб-страниците. Судовите само формално ја имаат исполнето обврската за именување лица за односи со јавност, но во реалноста соопштенијата се добиваат од претседателите на судовите. Потребно е да се подобри транспарентноста во планирањето и трошењето на судскиот буџет, како и доследно почитување на законските обврски за користење на опремата за тонско снимање.
Споредено со перцепциите од 2018 година, нема позначајни подобрувања. Кај исти индикатори доминираат поделените ставови во рамки на една целна група, односно значително поларизирани перцепции помеѓу судиите и судската служба наспроти перцепциите на адвокатите, странките во споровите и новинарите.
Како што се наведува во заклучоците, индикативно е што во однос на некои индикатори останал висок процентот на испитаници кои не се запознаени со состојбите во оваа област.
Во однос на квалитетот на судската правда, се наведува дека се направени легислативни интервенции во насока на зголемување на квалитетот на судската правда. Кај предизвиците со обезбедувањето на конзистентна судска пракса е нотиран мал напредок. Донесените критериуми и методологии во изминатиот период за мерење на квалитетот на судска правда, како што се наведува, ќе доведат до поголемо ниво на правна аргументација на судските одлуки што оди во прилог на обезбедување поголема правна сигурност
Споредено со перцепциите од 2018 година, освен забележаниот мал прогрес кон воедначување на праксата и донесените методологии за следење на квалитетот, остануваат и понатаму предизвиците во делот на мериторното одлучување во управната материја. Иако можат да се насетат определени позитивни трендови во перцепциите во поглед на јасноста, образложеноста и правната аргументација на одлуките, овие прашања сѐ уште се наоѓаат во фокусот на предизвиците.
Независноста и непристрасноста на судството, како што се оценува во Извештајот, и понатаму остануваат најниско оценета област. Направени се подобрувања на законската и подзаконската регулатива, правила за назначување, унапредување, дисциплина и разрешување на судии. Изборот и разрешувањето на судиите, сепак, според најголем дел од испитаниците од сите категории од мерењето, се предмет на притисоци и влијанија однадвор и се резултат на недоволна транспарентност.
Во судството, според најголем број испитаници, и натаму постојат појави или околности за притисок и влијание од други институции. Постои поделеност во мислењата за тоа дали предвидените основи за одговорност на членовите на Судскиот совет гарантираат дополнителна заштита на независноста на судството. Законската обврска за судскиот буџет и понатаму не се почитува и е далеку од европскиот просек. Испитаниците сметаат дека е императив да се почитува законски определениот годишен буџет за судството и дека судиите треба да се изборат за поголема финансиска самостојност. Потребна е редовна и проактивна афирмација и едукација за новиот Кодекс за судиска етика од страна на Советот за етика и другите поважни институции во правосудството.
Областа што е оценета највисоко е „Професионален развој и правична застапеност“. Во однос на немнозинските заедници, потребно е унапредување на правната рамка со нагласување дека квалитетот, а не етничката припадност треба да биде клучен критериум. Постои широк консензус помеѓу испитаниците од различните целни групи дека е потребно да постои законска основа што ќе овозможи одржување судења на далечина (онлајн) со употреба на ИКТ.