Поради состојбата со коронавирусот и одложувањето на рочишта, бидејќи меѓу обвинетите има позитивни или во изолација, се размислува и судењата да бидат онлајн.
Според претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, има една препрека поради која се доведува во прашање спроведувањето на ваквата идеја, а тоа е согласноста на обвинетиот за ваков тип судење.
„Мора во иднина да се менуваат процесните закони за да може да се предвиди можност и за онлајн-судење. Ќе мора да се бара некое решение, некој излез од таа состојба“,
вели Здравев за МИА.
Во моментов не се дискутира за одложување на судските рочишта кои не се итни, како што беше во март, април и мај, но Судскиот совет најавува дека бара решенија за онлајн-судења.
Меѓутоа, освен законските пречки за одржување онлајн-судења, друг проблем со кој се соочуваат судовите, ако веќе се создаваат услови за ваков начин на судење, е фактот дека поголемиот дел од судовите во државата не се технички опремени за вакви постапки.
Одложувањето судски рочишта токму поради состојбата со коронавирусот во последните десетина дена можеше да се забележи и во пракса. Денеска, на пример, се одложи судењето за предметот „Титаник“, кој се однесува на изборни измами бидејќи функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протуѓер, кој е меѓу обвинетите, е позитивен на ковид-19.
Минатата недела се одложија и две судски рочишта за масовното прислушување во случајот „Таргет-Тврдина“ бидејќи Сашо Мијалков првично имаше симптоми, а потоа доби и позитивен резултат на тестот. Во овој предмет се одложија уште неколку рочишта кои беа закажани до крајот на октомври.
Од предметите што беа иницирани од СЈО, а сега е во редовните обвинителства, претходната недела не се одржа ниту рочиште за ТНТ затоа што адвокат беше во изолација.
И случајот познат во јавноста како „Организаторите на 27 април“ имаше одложување бидејќи двајца обвинети, Трајко Вељаноски и Спиро Ристовски, исто така се во изолација затоа што имале контакт со нивни блиски кои биле позитивни на вирусот.