Од Судскиот совет изразуваат голема загриженост од фактот што во изминативе недели ова тело е изложено на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања, како и на притисок од невладиниот сектор со отворени повици за оставки, со намера комплетно да се дезавуира кредибилитетот на членовите, но и угледот на институцијата во целина
Судскиот совет на Република Северна Македонија ја поздравува и ја прифаќа идејата на амбасадорот на Европската Унија во РС Македонија, Дејвид Гир во која најавува дека веќе ѝ е предложено на Владата да се испрати оценска мисија за работата на ова тело, соопштија од Судскиот совет.
„Судскиот совет високо ги цени напорите на ЕУ, но и личниот ангажман на амбасадорот во изнаоѓање на конкретни решенија кои треба да доведат до тоа оваа институција да може докрај да ги оствари своите законски надлежности, но и уставната мисија која е во функција на штитење и промовирање на независноста, професионалноста и интегритетот на судството и на судиите. Членовите изразуваат целосна подготвеност за отворена и транспарентна соработка со надворешни и домашни непристрасни и објективни експерти, бидејќи сметаат дека само на тој начин ќе се добие многу пореална и вистинска слика за функционирањето и начинот на одлучување во Судскиот совет“,
стои во соопштението.
Од Судскиот совет изразуваат голема загриженост од фактот што во изминативе недели, ова тело е изложено на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања, како и притисок од невладиниот сектор со отворени повици за оставки, со намера комплетно да се дезавуира кредибилитетот на членовите, но и угледот на институцијата во целина.
„Потсетуваме дека Судскиот совет е значајна и неопходна алка во правосудниот систем, како и важен сегмент на реформскиот пат на Република Македонија во евроинтегративните процеси. Членовите се свесни за лошата перцепција што е креирана во јавноста во изминатите месеци, но одбива да прифати дека работи нелегитимно и се носат незаконски и неаргументирани одлуки, со кои наводно се штитат нечии лични или партиски интереси“,
се наведува во соопштението.
И покрај тоа што сите седници на Судскиот совет се јавни, додаваат оттаму, остануваме разочарани што јавноста и граѓаните веќе подолг период остануваат покуси и неинформирани за голем број активности што ги спроведува во моментов Советот, а кои опфаќаат интензивна работа околу редовната оценка на судиите, избор на нови судии од редот на академците, како и на претседатели на судови, посети, извештаи, постапки за утврдување на одговорност на судии, се наведува во соопштението.
Судскиот совет, се посочува на крајот од соопштението, уште еднаш потврдува дека останува докрај подготвен за соработка со амбасадорот Дејвид Гир, за да може отворено да се разговара за сите прашања и предизвици што стојат пред судството и државата во иднина.
Вчера евроамбасадорот Дејвид Гир најави дека ЕУ испраќа оценска мисија во земјава по низата скандали и превирања во Судскиот совет. Гир појасни дека се работи за советодавна група, која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои Европската Унија може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности.
„Ги следиме случувањата во Судскиот совет одблиску и со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога – да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина многу загрижувачки“,
рече Гир во гостување на ТВ Телма.
Гир: ЕУ испраќа оценска мисија во С Македонија за работата на Судскиот совет
Премиерот Димитар Ковачевски денеска порача дека ја поддржува идејата на ЕУ за испраќање оценска мисија за работата на Судскиот совет. Тој додаде дека не е првпат, и во минатото, како што рече, имало оценски мисии на ЕУ, а за оваа тема разговарал со евроамбасадорот Гир пред година и половина.