Од вкупно седумнаесетте препораки кои ЕУ ги насочува директно кон Судскиот совет, пет се во насока на избори и именувања во Советот, една во однос на дисциплинските постапки, девет во делот на транспарентноста и комуникацијата, како и две препораки во делот на ресурси и финансии
Судскиот совет денеска го усвои акцискиот план за спроведување на препораките од оценската мисија на Европската Унија (ЕУ) кои се насочени директно во доменот на ова тело.

Станува збор за 17 препораки од вкупно 40 кои оценската мисија на Европската Унија во декември лани ги внесе во извештајот за работата на Судскиот совет во С Македонија откако тим од експрети од ЕУ претходно направи увид во неговата работа по низата превирања во ова тело.
Од вкупно седумнаесетте препораки кои ЕУ ги насочува директно кон Судскиот совет, пет се во насока на избори и именувања во Советот, една во однос на дисциплинските постапки, девет во делот на транспарентноста и комуникацијата, како и две препораки во делот на ресурси и финансии.
Целта на акцискиот план, како што изјави претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, е тој да биде патоказ за натамошното движење на Советот и за јакнење на угледот на ова тело. Додава дека на планот се работело многу интензивно откако Советот до добил извештајот од оценската мисија.
„Ова е еден од основните елементи, што ќе значат патоказ понатаму како сакаме да се движиме и дали на некој начин Судскиот совет да го зацврстува угледот, не викам дека го нема, но да го зајакнува својот углед“,
рече Дамева.
Членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, пак, изјави оти државата не го обезбедува потребниот буџет и дека судството зависи од проекти коишто по одреден временски период завршуваат и затоа, како што рече, немаат одржливост поради што се бележат негативни поени во судството.
Инаку, оценската мисија на ЕУ во декември лани го изготви извештајот за Судскиот совет кој содржи 40 препораки за неговата работа. Од вкупно 40 препораки, 17 се во доменот на самиот Судски совет, додека за останатите 23 се потребни интервенции во Уставот и во законите кои ја регулираат конкретната материја