„Веднаш штом ќе ја констатира фактичката состојба, извештајот ќе биде ставен на седница на Судскиот совет“, изјави денеска за медиумите претседателката на Советот, Весна Дамева
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, информира дека специјалната комисија, која е формирана за да го испита случајот со бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани, работи интензивно и оти наскоро се очекува да излезе со извештај во врска со случајот.
„Комисијата интензивно работи, но има законски предвидена процедура, има рокови, но и покрај тоа, верувајте дека нема да се чекаат тие рокови, туку час поскоро Комисијата ќе излезе со извештај. Веднаш штом ја констатира фактичката состојба, извештајот ќе биде ставен на седница на Судскиот совет“,
изјави претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
Прашана какви активности биле преземени, Дамева рече дека тоа е во рамки на самата комисија и дека таа од позиција на претседателка на Судскиот совет единствено ги обезбедила техничките услови со цел на ова тело да му бидат обезбедени сите податоци потребни за анализа.
Судскиот совет на итна седница одржана на 16 август донесе одлука за формирање на специјална комисија која треба да ја констатира фактичката состојба во однос на одлуките кои Основниот кривичен суд Скопје ги донел непосредно пред бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани.
Блерим Рамадани минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија.