„Јас имам еден конкретен предлог, втората точна од дневниот ред – избор на претседател на Судскиот совет за денешен ден да се симне од дневен ред од причина што двајцата членови со право на глас денеска се отсутни и исто така ние сме во фаза на избор на двајца нови членови за кои изборите ќе бидат на 11 овој месец и тоа еден член од општата листа од апелациското подрачје Штип и еден член од посебната листа, каде што гласаат сите судии. Мислам дека изборот на новиот претседател треба да биде во комплетен состав“, предложи членот на Советот, судијата Исамедин Лимани, со кого едногласно се согласија сите присутни членови на денешната итна седница
Судскиот совет на денешната итна седница ја констатира неотповикливата оставка на сега веќе поранешната претседателка на ова тело, Весна Дамева, но не избра нејзин наследник, иако тоа беше предвидено со предложениот дневен ред.
Единаесеттемина членови на Судскиот совет кои денеска беа присутни на седницата едногласно изгласаа оваа точка да биде тргната од дневен ред и за неа да се гласа кога Советот ќе биде во целосен состав.
Предлогот за повлекување на точката за избор на наследник на Дамева на функцијата ја даде членот на Советот, судијата Исамедин Лимани, кој земајќи збор рече:
„Јас имам еден конкретен предлог, втората точна од дневниот ред – избор на претседател на Судскиот совет за денешен ден да се симне од дневен ред од причина што двајцата членови со право на глас денеска се отсутни и исто така ние сме во фаза на избор на двајца нови членови за кои изборите ќе бидат на 11 овој месец, и тоа еден член од општата листа од апелациското подрачје Штип и еден член од посебната листа, каде што гласаат сите судии. Мислам дека изборот на новиот претседател треба да биде во комплетен состав.“
Инаку, отсутни на денешната седница беа Лорета Горгиева која, како што информираше Дамева, која ја водеше седница, сè до констатирањето на нејзината оставка, била на боледување и судијата Александар Камбовски, кој користело денови од годишниот одмор. Не беа присутни ниту членовите по функција, односно претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и министерот за правда Игор Филков, кои можат да учествуваат на дискусиите, но немаат право на глас.
Во врска со предлогот на Лимани, неговата колешка Тања Чачарова- Илиевска рече дека сосема се согласува со него и според нејзино мислење изборот на претседател на Судскиот совет бара повеќе време.
„Ние мораме да ги разгледаме сите опции и да видиме кого ќе го избереме за прв човек на Советот којшто во иднина ќе го претставува. Така што, се согласувам денеска да биде повлечена од дневен ред оваа точка до прва наредна седница“,
рече таа.
И Антоанета Димовска рече дека е добро да бидат во комплетен состав кога ќе одлучуваат за избор на наследник на Дамева.
„Ние секако ќе функционираме, си има законска одредба како функционира (Советот) кога претседателот го нема. А, и нека се одложи, да ги слушнеме мислењата на сите колеги, тие што не се тука и тие што ќе бидат избрани“,
рече Димовска.
Бидејќи станува збор за неотповиклива оставка, таа беше само констатирана, а тоа го стори самата Дамева, по што го напушти претседателското столче и седна меѓу другите колеги бидејќи и натаму останува член на Советот.
Претходно таа им се извини на колегите што претходно не ги информирала за одлуката, при што посочи оти сметала дека првин требало да ја слушнат граѓаните.
„Единствено што можам да кажам е дека сум горда на денешниот мој чин, се надевам и вие тоа ќе го признаете, барем мнозинството. Судскиот совет, без разлика кој ќе ја наследи оваа функција, упатувам порака, заеднички да продолжиме да ја подобруваме состојбата на Советот преку сите наши активности, да ја заштитиме нашата и независноста на целото судство и да почнеме заеднички да ја враќаме довербата кај граѓаните. Јас морам да кажам дека без оглед кој ќе биде претседател ќе ја има мојата поддршка за да продолжиме онаму каде што застанавме“,
рече Дамева.
Таа одлуката дека поднесува неотповиклива оставка ја соопшти во јавно обраќање преку медиумите во кое ги наведе причините за нејзиното повлекување, притоа наведувајќи дека во изминатиот период, а особено во последните месеци, од страна на одредени политичари, од собраниска говорница, се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет.
Во таа насока, таа директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет со кој јас раководам има некакви кланови и се фалсификуваат записници. Воедно, во неколку наврати, тој, како и политичари од сегашната власт, се обраќаa со негативни ставови за членови на Судскиот совет, нивна поврзаност со политичари од претходната власт и сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или, пак, членовите на Советот не ја извршуваме функцијата професионално, стручно, совесно и одговорно, а Судскиот совет заедно со Советот на јавни обвинители беа посочени како тела кои треба да бидат распуштени“,
рече Дамева во своето обраќање пред јавноста денеска.
Заради заштита на угледот на Судскиот совет и во насока на законито постапување, таа јавно го повика претседателот на Владата да ги достави веднаш до надлежното Основно јавно обвинителство доказите кои од собраниската говорница наведе дека ги има, а се однесуваат на наводно фалсификување на записници во Советот.
Во спротивно, Дамева рече оти смета дека премиерот треба јавно да се извини.
Во однос на пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, таа рече дека тој отишол дотаму што во телевизиско интервју упатил сериозни закани за кривична одговорност во врска со неговите обвинувања дека Дамева се обидува незаконски да си го продолжи мандатот на чело на Судскиот совет за уште неколку месеци.
По соопштувањето на одлуката од страна Дамева, се огласија од опозициската ДУИ, од каде што оценија дека станува збор за уште еден драматичен момент кој ја одразува алармантната состојба на заробената држава и урнисувањето на независноста на институциите.
Оттаму упатија апел до меѓународните институции внимателно да ја следат оваа состојба и да реагираат на „континуираното лизгање на Северна Македонија кон авторитаризам и целосна заробеност на државата“.
На наводите на ДУИ реагираа од коалицијата „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство , од каде што велат дека лани ДУИ ја разреши, а сега плаче по Весна Дамева.
„ДУИ, овој партиски клан што уништи сè, сега од опозицијата почна да продава политички морал и да зборува за притисоци. Но, ова не им успева бидејќи граѓаните многу добро знаат како го злоупотребиле секој институционален механизам само за своја корист, вклучувајќи ги и судовите. Истата Весна Дамева која денеска поднесе оставка, а ДУИ пролеа крокодилски солзи за притисок врз неа, Селим Адеми – член на ДУИ, кој во тоа време во својство на потпретседател ја надгласа и ја разреши од функцијата претседател“,
рекоа од „Вреди“.
Инаку, Дамева за претседател на Судскиот совет беше избрана на 5 декември 2022 година, со мандат од две години, без право на повторен избор. Лани во април таа беше разрешена од функцијата, но по нејзината тужба Управниот суд донесе пресуда со која ваквата одлука беше оценета како незаконска, по што Дамева на почетокот на оваа година се врати на чело на Судскиот совет.
Милошоски минатата недела, во неколку јавни обраќања, ја обвини Дамева дека сака на незаконски начин да остане на претседателското столче уште неколку месеци. По ова следуваше нејзино писмено обраќање во кое таа наведе оти е факт дека имало осуммесечен прекин во нејзиниот мандат поради разрешувањето и оти побарала правно мислење кога тој точно и истекува, дали на 5 декември, односно за три дена или подоцна.