Ова е прв избор од донесувањето на новиот Закон за судски совет според кој претседателот на Судскиот совет се избира од редот на членовите што се избрани од Собранието, односно право да ја извршуваат функцијата имаат 5 од вкупниот број членови
Судскиот совет денеска на јавна седница треба да избере нов претседател, бидејќи на досегашниот, Киро Здравев, му заврши двегодишниот мандат.
Ова ќе биде прв избор на нов претседател според новиот Закон за судски совет, кој стапи во сила на крајот на мај лани. Од Судскиот совет велат дека не се поднесувале кандидатури, туку тие ќе ги соопштат на седницата денеска.
Здравев, кој претходно бил судија во Општинскиот и Апелацискиот суд во Штип, како и врховен судија, стана член на Советот во декември 2018, а на 27 април 2019 година ја извршуваше функцијата претседател.
Претседатели на судскиот совет може да бидат членовите избрани од Собрание
Судскиот совет го сочинуваат 15 члена, од кои осум се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието, а двајца членови предлага претседателот на државата за кои изборот, исто така, го врши парламентот. Тие имаат мандат од по шест години.
Другите двајца членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, во случајот судијката Беса Адеми и Бојан Маричиќ, но тие се без право на глас.
Според новиот закон, претседателот на Судскиот совет се избира од редот на членовите што се избрани од Собранието, односно право да ја извршуваат функцијата имаат 5 од вкупниот број членови.

Кој од членовите може да биде претседател?
Петтемина актуелни членови (тројца избрани од Собранието и останатите двајца, исто така, избрани од пратениците, но по предлог на претседателот) кои можат да бидат на функцијата се: Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Селим Адеми и Владе Богданоски.
Павлина Црвенковска е најнов член на Судскиот совет, Собранието ја избра во декември лани. Од 2006 до 2020, таа работеше како судски советник во скопска апелација. Претходно, беше советничка во кабинетот на Владо Бучковски, додека тој беше премиер во владата на СДСМ и на ДУИ (2004 – 2006 година), а исто така била и раководителка на одделение во Министерството за одбрана, додека Бучковски беше министер (2002 – 2004 година). Има искуство и како адвокатка и приправничка во Кривичниот суд.
Весна Дамева е дел од Судскиот совет од декември 2019 година, кога парламентот ја избра по предлог на претседателот Стево Пендаровски. Целото работно искуство пред да стане членка на ова тело го стекнала во Основниот кривичен суд во Скопје каде во 2002 била вработена како приправничка, а потоа како стручна соработничка.
Миљазим Мустафа, исто така, е избран по предлог на претседателот неколку месеци пред Дамева, меѓутоа тој веќе е заменик-претседател на Судскиот совет и мандатот му истекува во октомври годинава. Претходно работел во Владата, во министерствата за одбрана и за правда, во поранешниот Секретаријат за спроведување на рамковниот договор кој сега е трансформиран во министерство.
Селим Адеми, од декември 2019 е старо-нов член на ова тело. Адеми и претходно истера еден шестгодишен мандат како член на судскиот совет (2013-2019) во кој во два наврати беше избиран и за заменик-претседател. Пред 2013, пак, бил советник во Министерството за правда кога со него раководеше Блерим Беџети од ДУИ, а бил советник и во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, како и секретар на Општина Гостивар додека градоначалник беше Невзат Бејта од ДУИ (2005-2009).
Владе Богданоски, со исклучок Адеми, има најдолг стаж во Судскиот совет од можните кандидати. Тој е избран за член во октомври 2016, што значи дека во октомври 2022 му истекува шестгодишниот мандат. Пред да биде избран, околу осум години тој беше државен правобранител за подрачјето на Скопје, а претходно работел и како адвокат и заменик-јавен-правобранител за главниот град.