Данка Ристова е новата членка на Судскиот совет. Станува збор за искусна судијка која на позицијата ја избраа нејзините колеги од штипското апелациско подрачје, на непосредни избори. Но, Данка Ристова е и сопруга на градоначалникот на Радовиш, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ
Ристова доаѓа на местото на Лорета Горгива. И таа беше избрана од колегите судии на непосредни избори од истото апелациско подрачје, а е сопруга на функционер на СДСМ во Општина Струмица
Што навестува ваквиот избор? Одговараат поранешната врховна судијка Вера Коцо, новинарот Васко Маглешов и правничката Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“
Изборот на Данка Ристова, судијка на штипска апелација, за нов член на Судскиот совет предизвика бурни реакции бидејќи таа е сопруга на градоначалникот на Радовиш, кој доаѓа од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Најгласна беше опозициската СДСМ, критикувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ инсталира свои кадри во судството.
Поранешната врховна судијка Вера Коцо, во дебата во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, рече дека Данка Ристова победила на судски избори на кои имало пријавено повеќе кандидати, а таа го добила мнозинството гласови наспроти некои што добиле по еден глас.
„Не гледам јас некоја поврзаност поради тоа што мажот ѝ е градоначалник. Судиите се тие што одлучиле дека таа треба да биде член на Судскиот совет. Дали правилно одлучиле, тие самите треба да се преиспитаат. Меѓутоа, не гледам во случајов зошто се поврзува дејствувањето на нејзиниот сопруг со неа. Дали таа нема право да конкурира? Има право“,
рече Коцо.
Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ рече дека како ќе постапуваат членовите на Советот ќе се види на седниците.
„Дали ќе има политички влијанија или не преку членовите на Советот, ќе гледаме од седниците и од одлуките што ќе ги носат. Овој пат за поздравување е само тоа што Судскиот совет ги објави биографиите на сите кандидати што беа кандидирани за членови на Судскиот совет за да може јавноста, но и судиите што ќе ги бираат, да знаат за кој кандидат ќе можат да го дадат својот глас. Тоа беше и една од препораките на Оценската мисија на ЕУ. Така што, во тој дел транспарентноста беше запазена и соодветно беа објавени биографиите“,
рече Петковска.
Според новинарот Васко Маглешов, факт е дека судијката има 30-годишно искуство и дека најголем дел од најзините колеги се изјасниле дека треба да ги претставува во Судскиот совет. Но, за него неколку работи се, сепак, спорни.
„Тоа што досега гледавме во Судскиот совет, избор на судии од самите судии, за кои понатаму судиите се срамеа. Не знам како ќе заврши овој избор, но јас сум имал контакт со почитуваната судијка од Штип за време на една обука каде отворено рече – јас немам што да се занимавам со новинарите, мене ми е работа да судам. Иако се обидував да и појаснам дека сите одлуки што таа ги донесува, ги донесува во име на граѓаните и јавноста треба да знае, особено кога станува збор за предмети од јавен интерес. Очекувам, бидејќи неофицијално нејзиното име се врти како еден од кандидатите за претседател на Судскиот совет, да го затвори Судскиот совет во смисла на јавност и транспарентност што можеби ќе биде малку проблематично бидејќи имаме многу активен невладин сектор, тука се и новинарите. Не знам како тоа ќе се одвива. Веројатно кога ќе освоите некаква победа или кога ќе добиете некакви поголеми права, тешко е да се вратите назад. Меѓутоа, познавајќи ја лично, мислам дека тука ќе има некакво нивелирање на односите. Само да кажам дека таа е судијката што заедно со судиите Весна Димитриевска и Славчо Тасев практично му ја намалија казната на ексградоначалникот на Општина Ново Село, Боро Стојчев, за шверц на цигари пред неколку години“,
рече Маглешов.
Инаку, Данка Ристова доаѓа на местото на Лорета Горгиева, судијка од Струмица која, пак, беше критикувана дека е продолжена рака на СДСМ во Судскиот совет затоа што нејзниот сопруг е функционер на оваа партија на локално ниво.
На прашањето како сега Данка Ристова нема да биде претставничка на политиката во тоа тело, Коцо рече дека не треба да претставува пречка за некој од фамилијата да напредува.
„Ако водиме сметка кој каде е и тоа да биде пречка за некој член од фамилијата, мислам дека е веќе дискриминација на некој начин. Меѓутоа, треба да се води сметка за нешто друго. Кого бираат судиите… Мислам дека во судската бранша постојат такви ситуации, како што велите вие, сончогледи, да се прилагодите на новата реалност. И затоа сметам дека кредибилитетот на нашите судии не е на она ниво не кое треба да биде. Секогаш судијата треба да размисли што ќе се случи ако преземе некоја акција, а зад тоа стои нешто друго. Нема да помине многу време, а јавноста ќе го разбере тоа. Заради тоа сметам дека ако самите судии си изберат некого што оцениле дека треба таму да ги претставува, тогаш во ред. Но, дали тој избор го направиле чесно, дали веруваат во тој човек дека навистина ќе даде максимум при нивното застапување“,
вели Коцо.
Петковска, пак, смета дека сите процеси почнуваат со сомнежи и недоверба дека некој има влијание во работењето.
„Најдобро ќе биде тоа да го видиме од постапувањето на членовите на Советот, меѓутоа многу важен и клучен момент тука ќе биде Судскиот совет особено во делот на транспарентноста. Ние неколкупати укажуваме, таков е законот, таков е и деловникот за работа на Судскиот совет, а тоа е дека јавно мора да бидат објавени податоците за тоа кој член на Советот како гласал за секоја одлука. Дали гласал за или против. За жал, такви податоци од Судскуиот совет сè уште немаме. Конкретно за изборот во Апелација Скопје кога беше минатата година, ние како Коалиција со пристап ги побаравме тие информации и тие се достапни. Судскиот совет располага со податоците кој член на Советот како гласал за секоја одлука, но тие треба да бидат јавно објавени“,
вели таа.
Меѓу примерите спомнати во дебатата беше и Ислам Абази кој на непосредни избори беше избран за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК). Тој е со потекло од Зајас, селото во кое е роден и живее лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Приговорите против неговиот избор беа блискоста со функционери на ДУИ, за што се појавија и фотографии.
Маглешов рече дека практично се покажало оти реакциите биле, помалку или повеќе, оправдани.
„Многу шанси даваме, веројатно. Уште пред два или три месеци знаев дека судијката Ристова ќе биде избрана за во Судскиот совет бидејќи моите информации беа такви. Еве се покажа дека се точни. Во основа дилемата беше дали ќе заврши како врховен судија, бидејќи имаше и такви амбиции, или ќе влезе во Судскиот совет, а има неколку години пред пензија, три или четири. Но во основа она што го велите е точно. Зошто? Во Судскиот совет имаше судии што незаконито донесоа одлука за разрешување на Весна Дамева. Тоа се судии избрани од судиите“,
потенцираше Маглешов.