Вработените во судската администрација бараат зголемување на платите за 30% наместо договорените 10%, а револтирани се и од односот на министерот за финансии кој не ја потпишал одлуката на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци на плата од 15%
Вработените во судската администрација денеска по вторпат излегоа пред судовите и ги повторија своите барања за покачување на плата и додатоци на плата. Овој протест, за разлика од претходниот кој се одржа само пред Основниот кривичен суд во Скопје, беше поддржан од сите судови во земјава – од Битола и Тетово до Струга и Штип.
Тие изјавија дека доколку нема поместување на позициите, започнувајќи од 1 септември во судовите ширум земјата ќе настапи генерален штрајк, односно нема да се вадат уверенија за неосудуваност, ниту, пак, додатоци за трето дете. Воедно најавија и дека ќе се блокираат улици бидејќи според нив, недозволиво е да се полни буџетот од нивни средства.
„Ние не се согласуваме со покачување на плата од 10 % што Владата и Сојузот на синдикати го договорија. Не се согласуваме ни со К-15 во висина од десет илјади денари, а револтирачки е што од нашите средства доделени од Судскиот совет, 15 % на плата, вчера министерот за финансии ги одби“,
рече Јасмина Величкова, претседателка на Независниот синдикат на судската администрација.
Потпретседателката на Здружението на судска администрација, Рената Георгиевска, побара реформи во судската власт кои би требало да започнат од судската служба и апелираше надлежните институции да издејствуваат носење нов закон за буџет во судството со кој судската власт би имала самостоен буџет во иднина.
„Судската служба се собра и излезе на протест за да го искаже револтот за пониски плати, немаме додатоци и бараме самостојна судска власт. Реформите во судската власт треба да почнат од судската служба“,
изјави Георгиевска.
Вработените во судската администрација годинава останаа без додатоци на плата бидејќи Уставниот суд го укина членот од законот со кој избраните и именуваните лица добија покачување на платите од 78%.
Покрај вработените во судската администрација, на штрајк претходно повикаа и вработените во УЈП и во Царина кои исто така не се задоволни од покачувањето на платите за 10% и бараат покачувања од 30%.