Жалбата до Стразбур е поднесена во 2017 година и во неа се посочува дека еднаш дадена аболиција не може да биде отповикана. Во жалбата се опфатени предметите за масовното прислушување и уништувањето на опремата – „Таргет-Тврдина“, за изборни нерегуларности – „Титаник“, за злоупотреба при организирање на превоз на ученици во Битола – „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“, наречен ТНТ
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур утре во 10 часот ќе ја соопшти одлуката за тоа дали важат аболициите на поранешниот претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов. Одлуката ќе биде објавена на интернет-страницата на ЕСЧП. Со ова, по шест години, ќе се затвори прашањето дали обвинетите во четири случаи на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) можат да одговараат кривично за дела со кои се опфатени во предметите, а дел и осудени.
Поранешната судијка во ЕСЧП, Маргарита Цаца Николовска, во изјава за МИА вели дека Европскиот суд за човекови права во Стразбур не носи негативни или позитивни пресуди, но утре, кога Судот треба да ја објави одлуката за случајот со поништената аболиција на Иванов, е важен ден за тоа што значи законитост.
Според неа, сè понатаму зависи од тоа што ќе биде наведено во самата одлука и што ќе биде обврска на државата или како тоа ќе се реперкуира на целокупната политичка ситуација во државата.
„Стразбур носи пресуда во која што се утврдува дека има повреда или нема повреда. Доколку утврди дека има повреда, тогаш треба да се види во што е таа повреда, дали е процедурална или е суштинска повреда во мерит. Ако е процедурална тогаш странките имаат можност да бараат повторување на постапката, но повторно зависи што е процедурална повреда. Ако е повредата во мерит, треба да се види што е самата повреда и во зависност од тоа треба да се испитува дали треба да дојде до промена на законодавство или носење на нови закони“,
вели Николовска.
Жалбата до Стразбур е поднесена во 2017 година и во неа се посочува дека еднаш дадена аболиција не може да биде отповикана. Во жалбата се опфатени предметите за масовното прислушување и уништувањето на опремата – „Таргет-Тврдина“, за изборни нерегуларности – „Титаник“, за злоупотреба при организирање на превоз на ученици во Битола – „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“, наречен ТНТ.
Во предметот се засегнати поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ како Никола Груевски, Тони Јакимовски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Кирил Божиновски и други.
Во објавата на Судот се наведува „подносители на жалбата се седуммина Македонци/граѓани на Република Северна Македонија и еден Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија, кој исто така е и албански државјанин“.
Според објаснувањето на Судот, сите апликанти беа осудени за наводни криминални дејства што се однесуваат на/и произлегуваат од содржината на незаконското прислушување. Тие добија аболиција од претседателот која подоцна беше поништена. По поништувањето на аболицијата, тие беа осудени.
Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување. Веднаш по одлуката на Уставниот суд, Иванов одлучи да ги помилува тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што доведе до масовни протести.