„Добиени се 18 барања, за четири лица е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, за шест лица куќен притвор и мерки за претпазливост, а за осум лица е изречена мерка за претпазливост. Сите имаат право на жалба во законски рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа“, изјавиле за МИА од Основниот суд Кочани
Основниот суд Кочани денеска ги прифати предложените мерки за новоосомничените лица во проширената истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“ што ги побара Јавното обвинителството, потврдиле од судот за МИА.

„Добиени се 18 барања, за четири лица е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, за шест лица куќен притвор согласно член 163 и мерки за претпазливост согласно член 146 од Кривичниот законик, а за осум лица е изречена мерка за претпазливост согласно членот 146. Сите имаат право на жалба во законски рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа“,
изјавиле за МИА од Основниот суд Кочани.
Еден осомничен во моментот на отворање на истрагата е надвор од државата (амбасадорот и ексминистер Дртитон Кучи н.з.).
Сите 19 новосомничени лица, како и претходните 27 физички и три правни лица, за кои беше поведена истрага, се осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Како што посочи државниот обвинител Љупчо Коцевски, со проширената истрага, до овој момент, кочанското обвинителство повело истрага против вкупно 45 физички и три правни лица.
„Еден од нив, по отворањето на истрагата, почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на документацијата за неговата смрт, постапката за него ќе биде запрена. Дополнително, истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно, Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција. И во тој дел истражните дејствија продолжуваат за целосно утврдување на линијата на одговорност, за што јавноста ќе биде веднаш известена“,
рече Коцевски на денешната прес-конференција со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Како што вчера објави „360 степени“, со проширената истрага на Обвинителството, опфатени се поранешните министри за економија Ваљон Сарачини, Беким Незири и Дритон Кучи, кадри на ДУИ.
Со проширената истрага опфатени се и ексдиректорите на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу (актуелен министер без ресор) и Аднан Џаферовски (тогаш кадар на СДСМ), а меѓу новоосомничените е и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами (ВЛЕН). Со отворањето на истрагата на 21 март беше осомничен и поранешниот директор на Дирекцијата, Беким Максути (ДУИ).
Заедно со седумтемина осомничени полициски службеници за кои се води одвоена истрага во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, досега се опфатени 52 лица и три фирми.