Поранешниот премиер Никола Груевски веќе го напушти судот во Будимпешта каде претпладнево стражарно беше спроведен од полицијата на рочиште, по барањето за екстрадиција од македонските власти. И покрај упорноста на новинарите, пишува hvg.hu, Груевски не одговорил на ниту едно прашање и ги одминал претставниците на седмата сила.
Унгарските медиуми пишуваат и дека, за разлика од кога влегувал во судница, на излегување рацете на Груевски биле слободни. Односно, повеќе не му биле врзани со „кожни лисици“.
Статусот на бегалец е пречка за идно враќање или екстрадиција
Поранешниот македонски премиер ја напуштил судницата со слободни раце затоа што судијката Ева Вархеги го укинала задржувањето на Груевски и наредила тој да биде ослободен. Образоложила дека судот не може да одлучува за основаноста на обвинувањата на македонските правосудни власти во барањето за екстрадицијата, туку само за нејзините правни основи. Со оглед на тоа дека статусот бегалец на Груевски бил потврден на 5 април 2019 година, објаснувањето на судот е дека:
„Статусот на бегалец е пречка за идно враќање или екстрадиција. Според законот, лице на кое му е одобрен бегалски статус не може да биде екстрадирано во земјата од која поебегнало“,
го пренесува hvg.hu дел од образложението на судијката Ева Вархеги
Судијката потсетила и дека Груевски не може да биде приведен во Унгарија по меѓународната потереница, но дека такво нешто е можно во трети земји.
Никој нема да се жали на одлуката
На самото рочиште, Грувски бил прашан дали ја разбира одлуката на основниот суд и дали ќе го користи правото на жалба до повисок суд. Тој одговорил дека ја разбрал пресудата и дека нема да се жали. Новинарите имале потешкотии на лице место да дознаат дали на одлуката ќе се жали обвинителството, кое го застапува барањето за екстрадиција. Пред малку, новинари со кои „360 Степени“ има соработка во Унгарија ни потврдија дека ниту обвинителството нема да поднесе жалба.
Од досегашните извештаи на медиумите во Унгарија се уште не е јасно по кое барање за екстрадиција одлучуваше денеска основниот суд во Будимпешта. Министерството за правда досега испрати две – за издржување на казната затвор во случајот „Тенк“ и за најновото барање поврзано со организацијата на настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Колегите од унгарски РТЛ прават обиди, но до овој момент немаат јасен одговор за кое барање се одлучувало од тамошните власти.