Мицкоски ја тужеше пратеничката Петровска откако таа минатата година на социјалната мрежа Фејсбук го обвини дека додека се фотографира и смешка со познат лик од скопското подземје, мафијашки престрелки се случуваат на секој чекор
Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека Граѓанскиот суд во Скопје донел правосилна пресуда со која се утврдува дека поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Славјанка Петровска, јавно ширела лаги и клевети против него.

На неговиот фејсбук-профил, премиерот го објави документот од пресудата, во која пишува дека Судот и наложил на Петровска да му се извини и одлуката од пресудата да ја објави во медиумите.

Оваа одлука на Судот, Мицкоски ја нарече за уште потврда дека на лагата и се кратки нозете.
„Очигледно дека лажењето како синдром на политичката култура и однесувањњто на функционерите на СДСМ не престанува да биде нивен заштитен знак. Со оваа пресуда се потврдува дека не само што лажат, туку и дека не се промениле. Продолжуваат да го потценуваат народот, верувајќи дека со клевети и манипулации ќе фрлаат дамка врз мојата работа и дека народот ќе се разочара. Но, нашиот народ ее мудар. Има искуство со политичари како овие од СДСМ, чии кариееери се изградени врз измами, несовесност и недостиг на одговорност“,
пишува Мицкоски на Фесбук.
На крајот, премиерот заклучува дека ова не е негова лична битка, туку е битка за принципи, за вистината и достоинството на секој поединец што не дозволува неказнето да му се лепат лаги.
Мицкоски ја тужеше пратеничката Петровска откако таа минатата година на социјалната мрежа Фејсбук го обвини дека додека се фотографира и смешка со познат лик од скопското подземје, мафијашки престрелки се случуваат на секој чекор во главниот град.
Таа во објавата напиша и дека лично Мицкоски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки.
„Затоа и одбра вчера на големиот христијански празник Преображение, пред Божји храм да се фотографира со Борис Мутков-Фантом, познат лик на скопското подземје. Наместо да ги апсат, тие се фотографираат и смешкаат. Вчерашната престрелка во Синѓелиќ е, всушност, пресметка зад која стои Фантом и праќа порака кој е кој“,
напиша таа на Фејсбук.
Потоа Мицкоски најави дека ќе поднесе тужба против Петровска.
Таа, потоа изјави дека се радува на тужбата што е најавена и едвај чека да ја види, а потоа да се соочат на суд.
Посочи дека има аргументи за сè што напишала и за сè што говори.