Станува збор за 46-годишен скопјанец, со иницијали С.Д., кој обвинителството го сомничи за кривичното дело помагање сторител во извршено кривично дело. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа на вонредната прес-конференција не сакаше да сподели повеќе детали за осомничениот С.Д., освен дека сè уште се работи со него
Основниот кривичен суд Скопје денеска официјално информираше дека на четворицата осомничени за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски им е одреден 30-дневен притвор по синоќешниот распит пред судија на претходна постапка.
Притвор им е одреден на Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, како и на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кои во соопштението од Кривичен се наведени со иницијали.
Мерката, како што се наведува, е одредена поради опасност од бегство, попречување на истрагата преку влијание на сведоци и повторување или извршување на ново кривично дело.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за определување мерки притвор против 4 лица кои во текот на вчерашниот ден беа спроведени во судот, а поврзани со грабнувањето и убиството на малолетната В.Ѓ. од Скопје и убиството на велешанецот П.Ж., ценејќи ги приложените факти и исказите на обвинетите во однос на предлогот за притвор донесе решенија со кои го прифати предлогот на Јавниот обвинител. Па така на В.М., В.К., Б.В., и А.Ѓ. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од член 165 став 1, точки 1,2 и 3 од Законот за кривична постапка (ЗКП) односно опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание на сведоци и повторување или извршување ново кривично дело“,
се наведува во соопштението од Кривичен.
Оттаму информираат и дека е одреден краткотраен 48-часовен притвор и на лицето што се сомничи дека го возел Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиството на Вања и на Панче Жежовски, од Србија, преку Бугарија до Турција. Инаку, Палевски вчера беше уапсен од турската полиција откако Министерството за внатрешни работи, преку Интерпол, распиша меѓународната потерница по него.
Станува збор за лице со иницијали С.Д., кое обвинителството го сомничи за кривичното дело помагање сторител во извршено кривично дело.
За неговото апсење и за улогата што ја имал при бегството на Палевски вчера преку соопштение информираше Јавното обвинителство во кое беше наведено дека бара да му биде одреден 48-часовен притвор.
„Воедно судија на претходна постапка го прифати и предлогот за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа за С.Д. кој е осомничен за кривичното дело помагање на сторител во извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а заради постење на основите од точка 1 и 3 од став 1 на член 165 од ЗКП“,
велат од Кривичен.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа на вонредната прес-конференција не сакаше да сподели повеќе детали за осомничениот С.Д., освен дека сè уште се работи со него.
Четворицата осомничени за грабнувањето и двојното убиство вчера вечер, околу 20 часот беа спроведени на распит од Истражниот затвор „Скопје“ во Основниот кривичен суд. Првично на сите им беше одреден 48-часовен притвор.
При спроведувањето на осомничените, упадливо беше што сите четворица беа со избричени глави и во иста облека – комбинезони. „360 степени“ побара став од директорот на затворот во Шуто Оризари за изгледот на осомничените. Ова е неговиот одговор:
„Не се толерираат во истражниот затвор фризури за сторители на вакви тешки кривични дела и не се толерира облека со некакви ознаки на неа“,
ни изјави директорот на истражниот затвор Скопје, додавајќи дека затоа осомничените биле во комбинезони кои ги добиле во затворот.
Вчера доцна вечерта, речиси истовремено со вонредната прес-конференција на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на која меѓу другото соопшти дека за случајот со убиствата е поднесена кривична пријава која е на повеќе од 100 страници, од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против петтемина осомничени.
Тоа значи дека предметот напредува еден чекор и дека обвинителството е уверено дека има докази против осомничените, за случајот да премине од предистрага во истрага.
Во соопштението на Обвинителството не беа наведени нивните имиња, ниту иницијали. Објаснето е само колкумина за какви дела се товарат.
„Четворица како соизвршители сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – Грабнување на малолетно лице“,
се вели во соопштението на обвинителството.
Како ги сториле делата од кои смртно настрадаа 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, Обвинителството и МВР веќе споделија на заедничка прес-конференција.
Во моментот на отворање на истрагата, соопштението на ОЈО Скопје само потврдува – која е главната теза која ќе се обиде да ја докаже. Дека Панче Жежовски бил киднапиран, а потоа и убиен, за да му го земат автомобилот марка „цитроен“, возилото со кое пет дена подоцна ќе биде грабната следната жртва, Вања Ѓорчевска.
Шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, изјави дека тројца од осомничените веќе го признале делото. Таткото на убиената Вања Ѓорчевска, според тоа што го има јавно соопштено истрагата, засега не признава дека го сторил делото за кое е осомничен. Првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо кој беше во бегство, дури по екстрадицијата ќе има можност да се изјасни по делата за кои се сомничи.
На него судот веќе му определи мерка притвор, која ќе се активира веднаш откако ќе биде донесен во земјава.
Од Министерството за правда за „360 степени“ денеска изјавија дека уште од денеска наутро е почната постапката и од институциите веќе се собираат потребните информации и документацијата за спроведување на постапката за екстрадиција на Палевски.