Од канцеларијата на гувернерот на Истанбул велат дека бродови на крајбрежната стража и хеликоптери се испратени на местото на несреќата за пребарување и спасување

Два трговски брода што пловеле под турско знаме се судрија денес во Мраморното Море во близина на Истанбул, а контактот со еден од бродовите беше изгубен, соопшти канцеларијата на гувернерот на Истанбул.
„Бродот ‘Алсу’ под турско знаме, кој пловел кон егејското пристаниште Алиага, и бродот ‘Тугберк Имамоглу’, исто така под турско знаме, на пат кон црноморското пристаниште Карадениз Ерегли, се судрија синоќа во близина на истанбулската област Силиври“, се вели во соопштението од канцеларијата на гувернерот.
Оттаму додаваат дека бродови на крајбрежната стража и хеликоптери се испратени на местото на несреќата за пребарување и спасување. На бродот „Алсу“ немало видлива штета, но властите не биле во можност да стапат во контакт со „Тугберк Имамоглу“ и неговите десет члена на екипажот.
Според Трговската комора за поморска трговија на Истанбул, бродот „Тугберк Имамоглу“, во сопственост на компанијата „Зејбе Денизчилик“, плови како товарен брод, додека „Алсу“, во сопственост на компанијата „Озпулатане Дениз Тасимачилиги“, е танкер за хемикалии.
Според соопштението од канцеларијата на гувернерот, операцијата за пребарување и спасување сè уште е во тек.
