И во случај пресудата да не беше изготвена, со оглед дека одлуката веќе беше донесена, ќе ја изработеше друг судија, што значи дека предметот немаше да се врати на почеток
Од актуелните предмети, судијата Ставрев како втор судија беше и во случаите „Титаник 1“ и „Тендери“, кои се во доказна постапка. Сега, барем формално, овие случаи ќе се вратат на почеток
Пресудата за случајот „Титаник 2“ била меѓу последните што ја потпишал судијата Огнен Ставрев, кој по кратко боледување почина на 5 февруари.
Ставрев беше претседател на судечкиот совет во Основниот кривичен суд Скопје кој на 23 јануари годинава во овој предмет изрече двегодишни затворски казни за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК).
Пресудата во моментов е во фаза на доставување до странките.
„Судијата постапуваше и како претседател на совет во предметот ’Титаник 2‘, предмет кој е завршен со првостепена пресуда која е писмено изработена и во фаза на достава до странките“,
велат од судот за „360 степени“.
Дилемата што претходно се отвори беше што би се случило доколку пресудата не беше изготвена. За таква ситуација, Врховниот суд има изготвено правно мислење според кое со оглед дека одлуката била веќе донесена предметот немаше да се врати на повторно судење, а пресудата ќе ја изготвеше друг судија.
„Кога судија е времено оддалечен од вршење на судиската функција, а во законот нема експлицитна одредба што со предметите кои му се доделени во работа, во предметите каде што е објавена одлуката, а писмено не е изготвена и потпишана од судијата, со одлука претседателот на судот ќе определи судија, кој писмено ќе ја изработи одлуката, во состав на судот – советот кој го пресудил предметот и ќе ја потпише со запирка. Во предметите каде одлука не е објавена, и кај оние предмети каде главниот претрес е завршен, а одлука не е објавена, а е изготвена во АКМИС и не е верификувана, ќе се преотвори нов главен претрес и ќе се донесе и објави одлука од судијата – (советот) на кој тој предмет му е доделен во работа“,
гласи начелното правно мислење донесено од Одделот за казниви дела во Врховен.
Судијата Ставрев последниот период од својата кариера го помина како судија за извршување санкции, оддел во кој беше распореден откако се врати од боледување. Од предметите познати за јавноста, остана да суди само во случаите „Титаник 1“ и „Тендери“ каде што беше како втор судија, додека прв е Осман Шабани.
„Судијата Огнен Ставрев по неговото враќање од боледување, согласно распоредот за работа на судиите, беше распореден да постапува во Одделот за извршување санкции со одлука на претседателот на судот да продолжи со постапување во предметите познати за јавноста како ’Титаник 1‘ и ’Тендери‘ како втор судија – член на совет“,
велат од Кривичен.
Овие случаи се во фаза на доказна постапка, па со оглед дека ќе дојде до промена во составот на судечкиот совет ќе треба, барем формално, да се вратат на почеток.
„Главната расправа која е одложена почнува односно ако се изменил составот на советот или судијата поединец. Со согласност на странките, советот може да одлучи определени сведоци и вештаци да не се сослушуваат повторно, туку да се прочитаат нивните искази внесени во записниците од поранешната главна расправа“,
гласи ставот 2 од членот 371 во Законот за кривична постапка (ЗКП).
„Титаник 2“ пред застарување за Мијалков, „Тендери“ заглавен со супервештачење
„Титаник 2“ се однесува на договарање за гласање за приговори во корист на ВМРО-ДПМНЕ за локалите избори во 2013 година во Струмица. Пресудата која беше изречена на 23 јануари е втора што ја донесе судечкиот совет на чело со Ставрев. Првата беше донесена во март 2019, но Апелацискиот суд Скопје ја укина и го врати предметот на повторно судење.
Со пресудата Сашо Мијалков е осуден на две години затвор за примање наградата за противзаконито влијание. Делото застарува во април годинава, па доколку тогаш за жалбите кои ги најавија неговите адвокати не се произнесе Апелација и не донесе одлука, тој ќе се спаси од евентуална одговорност.
Мендух Тачи и четворица поранешни членови на ДИК (Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев), исто така, се осудени на две години затвор, но за делото повреда на избирачкото право. Тие во првиот судски процес пред првостепениот суд се гонеа за злоупотреба на службената положба, но со оглед дека обвинителството направи прецизирање во делот на штетата која изнесуваше околу 400 евра која во завршните зборови обвинителот ја повлече, дојде и до измена во делот на кривичното дело.
Во случајот „Тендери“, пак, на обвинителна клупа седат поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска и две вработени кои биле членки на Комисијата за јавни набавки. Канческа-Милевска се товари дека ѝ наложила на фирмата „Бетон-Штип“ да изведува градежни работи на Музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата.
Овој предмет е заглавен бидејќи досега се чекаше да биде изготвено супервештачење за кое наредба за изготвување е дадена уште на 6 април 2022 година.
Во предметот „Титаник 1“ кој се однесува на изборни нерегуларност, пак, се сослушуваат сведоци на обвинителството, откако постапката се врати на почеток поради промена на судија-поротник.
Во овој предмет веќе беа донесени пресуди откако осум обвинети, дел поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, ја искористија шансата што предметот се врати на почеток и во јануари лани признаа вина. Меѓу нив беа ексминистрите Гордана Јанкулоска која доби затворска казна од 2 години и шест месеци и Миле Јанакиески кој доби затворска казна од 4 години и шест месеци, како и шефот на кабинет на експремиерот Никола Груевски, Мартин Протуѓер, и поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковски кои добија условни казни.