Според пораките што ги читаше Трајчева, Даниел Станчев, Ирена Ивановска и Драги Рашковски разговараат за конкурирање на тендер
Пораки од апликацијата Вибер од телефонот на обвинетиот Даниел Станчев од „Инвока груп“, денеска презентираше обвинителката Ивана Трајчева на судското рочиште за случајот „Софтвери“, каде што првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

Првата комуникација што ја презентира Трајчева беше од вибер-група меѓу обвинетите Даниел Станчев, Ирена Ивановска и Драги Рашковски, за кого обвинителката кажа дека бил запишан во телефонот како „Перо 078“.
Според пораките што ги читаше Трајчева, тие разговараат за конкурирање на тендер, па така дел од комуникацијата што беше прочитана со датум од 5 јули 2019 година е:
Даниел Станчев: Да аплицираме со Инвока и ФИНКИ, така?
Даниел Станчев: Нема измени?
Перо 078: Па може
Даниел Станчев: И да не зборат, ќе не зборат за пари, не дека сме се посрале
Перо: Тешко ќе ја направат спојката
Ирена 077: Трајче ќе го јаде, не вие
Перо: Трајче и Перо
Даниел: Перо 50к за проектот за утре… Или повеќе па да спуштаме
Перо 078: SOOB?
Даниел Станчев: Да
Перо: Мапа
Даниел Станчев: Нема буџет, ние треба да ставиме од нас
Перо 078: Има предвиден
Даниел Станчев: (порака со линк од страната за јавни набавки)
Даниел Станчев: Падна сајтот на Бирото за јавни набавки. Ова го немаше Ѓоко кога беше директор
Перо 078: Игор знае колку е буџет.
Друга комуникација што читаше обвинителката е помеѓу Даниел Станчев и Игор Христов, кој беше и хонорарец во Владата, а бил запишан во телефонот на Станчев како „Игор Софтвер“. Во комуникација од јули 2019 тие зборуваат за распишана јавна набавка и за понудите на тендерот и која колку чинела. Дека станува збор за тендер во врска со софтверот за определување просечна брзина на возила во сообраќајот, според пораките што ги читаше обвинителката, станува јасно кога зборуваат која фирма колкава понуда дала и се споделуваат фотографии во врска со набавката од веб-страницата на Бирото за јавни набавки. Покрај „Инвока“, конкурирале и две други фирми, од кои едната дала пониска, а другата повисока понуда, се забележува од комуникацијата на Станчев и Димитровски.
„Сигурно ќе има бодување или да исфрлат за неисполнување услови”,
пишува Станчев во порака после информациите за понудата.
Во друга комуникација, пак, обвинителката читаше пораки помеѓу Станчев и обвинетиот Ивица Димитровски, професор на ФИНКИ. Во таа комуникација тие зборуваат за потпишување договор помеѓу Инвока и Факултетот во врска со аплицирање на тендер.
Рашковски по читањето на дел од комуникацијата реагираше дека ова е ворд-документ во кој се напишани пораки и бараше да се види каде е ваквиот документ на оригинално уесбе што го дало МВР од вештачењето на телефоните.
„Да се оди на десен клик на документот и ‘пропертис’ за да видиме кога е креиран, кој го креирал, која е автентичноста и каде што има слика да видиме како е импортирана, од кој извор… Ова е некаква приказна напишана на Ворд”,
рече Рашковски.
Обвинителката, пак, одговори дека уесбе-стиковите добиени од вештачењето во МВР се доставени во судот, а документот кој го отвора во судница кажа дека се пораки кои се селектирани од истражниот центар во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а кои се релевантни за судската постапка.
„Ова од причина што во уредот има комуникации кои воопшто не се однесуваат на предметниот настан, има и приватни комуникации… Со оглед дека откако е прегледена целата содржина која е екстрахирана од уредите, Обвинителството има направено анализа на доказите. Затоа таквите пораки се сублимирани во еден извештај”,
рече Трајчева.
Читањето на пораките следува како дел од изведувањето на материјалните докази на Обвинителството, што започна денеска откако на минатото рочиште странките дадоа воведни зборови.
Обвинението во случајот „Софтвери“ опфаќа набавки околу два софтвери – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација кои според обвинителството никој не ги барал и не ги користел. Исто така тоа опфаќа и исплата на хонорари од коишто, според обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе. Рашковски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него обвинети сè уште шест лица: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата додека со него раководеше Рашковски купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ни една институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барале ниту планираат да го користат софтверот за кој никој не ги прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021.